На археолошкиот локалитет Скупи течат конзерваторските работи на сценската зграда, а на овој археолошки локалитет летово завршија тригодишните археолошки истражувања на античкиот театар на кој му претстои планираната реконструкција не само на сцената туку и истраженото гледалиште каде што во иднина, според сегашните проценки, ќе може да седат 9.000 посетители.
Овој проект го промовираа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ, во присуство и на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, но и на дел од стручните лица, археолози, конзерватори, архитекти од институциите од Скопје.
„Идејниот проект за гледалиштето е направен”, рече министерката и нагласи дека во завршна фаза е основниот проект кој треба на Управата до крајот на ноември да и го предаде надлежниот Национален конзерваторски центар. Таа нагласи и дека Управата за заштита на културното наследство, пак, во декември, според планот, треба да распише тендер за избор на фирма која ќе го реконструира гледалиштето на театарот, почнувајќи во март 2016 година. До крајот на 2017 година, рече Канческа-Милевска, театарот во Скупи треба да биде ставен во функција. „Тој ќе биде од голема важност и за реализација на голем број културни манифестации, а со својата историска и археолошка вредност ќе има можност да привлече голем број туристи”, рече таа.
Според директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ, театарот во Скупи е најголемиот театар од таков вид во земјата и по планираната реконструкција ќе треба да биде единствен таков објект и надвор од неа. Тој потсети дека при ископувањата на театарот се откриени остатоци од гробови од архајскиот период на најстарите жители на скопскиот регион, пајонските Агријани, но и дека античкиот театар е изграден во вториот век и егзистирал до четвртиот, петтиот век.
Јавноста можеше да види и дел од над 8,500 артефакти откриени на локалитетот во 2015 година кој беше презентиран во работната барака на локалитетот (монети, керамика, камена пластика) од римскиот, античкиот, средновековниот период, а новинарите беа запознаени и со дигиталниот план за најавена реконструкција на гледалиштето.
