Антиисламистите во Австралија формираа партија

Во Перт се одржа основачкиот конгрес на десничарската партија Австралиска алијанса за слобода (АЛА), чија главна парола е „борба против исламизација на земјата”, јави ТАСС. 

Претставникот на партијата Ендрју Хорвуд за локалните медиуми изјави дека приврзаниците на Алијансата се уверени дека „Исламот во неговата сегашна форма не одговара на темелните вредности на Австралија”.
– Нашата земја ја убива политичката коректност, по која сите треба да мислат исто, а отворено не може да се зборува за многу работи, смета тој.
Конгресот се одржа во една зграда во Перт, чија адреса учесниците не ја соопштија поради страв за безбедноста на почесниот гостин, ултрадесничарскиот политичар од Холандија Герт Вилдерс.
Австралиската Влада на почетокот не сакаше да му издаде влезна виза, но во последен момент тоа сепак го стори, со образложение дека станува збор за „почитување на слободата на говорот”.
– Подобро ќе беше воопшто да не доаѓаше, но заради слободата на говорот немаме намера да го попречуваме организирањето на неговиот престој кај нас, изјави премиерот на Западна Австралија, Колин Барнет, прецизирајќи дека на Вилдерс му е забрането организирање каков било настан во зградите кои и припаѓаат на западноавстралиската Влада.
АЛА веќе е регистрирана во националната изборна комисија и има намера да истакне свои кандидатури на претстојните избори, што веројатно треба да бидат одржани во втората половина на следната година.

Останати вести