Полицијата во Австралија уапси неколку десетици луѓе, откако во повеќе градови избувнаа судири на антиисламисти и антирасисти.
Најостри судири беа забележани во Мелтон, едно од предградијата на Мелбурн, но вакви инциденти се регистрирани и во Сиднеј, Аделеид и Бризбејн, Перт како и во главниот град Канбера.
Судирите на приврзаници и активисти на двете спротивставени групации, настанале откако австралиската десничарска група „Риклеим” организираше десетици протесни маршеви низ градовите во земјата.
Дел од овие маршеви прераснаа во насилни, кога десничарските активисти се судрија со активисти на разните антирасистички групи.
Еден жител на Мелтон за локалните медиуми изјавил дека одлучил да им се приклучи на антиислмистите од, како што рекол, сосема разбирливи причини.
Според овој десничарски активист, дојденците во земјата ќе мора да се асимилираат во австралиското општество и да се претворат во Австралијци, доколку се одличиле да се населат и да живеат во земјата.
„Некои луѓе, имам впечаток се дојдени овде од сосема грешни причини”, изјавил овој жител на мелбуршкото предградие.
Вакви судирања меѓу антиисламисти и антирасисти имаше во Мелбурн и во јули оваа година.