Антимисот со моштите украдени од олтарот на „Свети Наум“

Крадецот најверојатно во црквата влегол како верник, бидејќи не е насилно провалено
Платното со кое се покрива олтарот – антимис – и во кој има мали парчиња мошти од повеќе светители бил украден од олтарот на црквата „Свети Наум” во Битола.

Кражбата ја забележало свештеникот од црквата и пријавил во полиција.
Од битолската полиција, пак, соопштија дека антимисот исчезнал во периодот од 11 до 18 мај годинава. Од полиција велат дека крадците не влегле насилно во храмот зашто нема скршени прозорци или обиени брави.
Црквата „Свети Наум” се наоѓа на улицата „Христо Христов” во центарот на Битола и е отворена секој ден за верници.
Антимисот со светите мошти е од непроценлива вредност. Kрадецот најверојатно како верник влегол во црквата, а потоа се качил на катот каде што е олтарот, го искористил моментот кога никој немало во просторијата и го украл антимисот, а со него и моштите. По ова, го напуштил храмот.
– Во средата кога свештеникот ја подаде раката за да го земе антимисот од олтарот на црквата, забележа дека местото каде што се чуваше реликвијата е празно. Помислата дека најверојатно се работи за кражба не потресе сите. Во антимисот се наоѓаа и свети мошти кои се од непроценлива вредност. На 11 мај ја имавме последната служба, а свештеникот нова планираше да одржи на 18 мај, односно во средата. Но, го немаше антимистот – изјави за “Дневник” Елица Илиевска, питроп во црквата.
– Црквата е отворена секој ден, служби имаме само во среда. Доаѓаат верници, палат свеќи во дворот, а потоа се качуваат на катот да бакнат икона, да се помолат. Јас сама ја одржувам црквата, секогаш кога ќе ми се види некој сомнителен, се качувам заедно со верниците горе. Не забележав никој да влегува во олтарот. Како жена јас немам пристап таму – се пожали Илиевска.
Инаку, објектот го обезбедува битолска приватна агенција, а вратите се штитат со катанци и клучеви. Поставен е и аларм. Со кражбата на антимисот во црквата е оневозможено да се врши и служба. Преспанско-пелагонискиот владика Петар во телефонски разговор не откри точно од кои светители се украдени мошти.
– Тоа е парче мошти од повеќе светители што немаат многу познати имиња. Биле ставени во светиот антимис во олтарот. Не знаеме кој ја сторил кражбата и очекуваме полицијата да го расветли случајот – вели за “Дневник” владиката Петар.
Ова е втор пат да се крадат мошти од битолски храм. Пред седумнаесет години беше украден черепот на новомаченикот свети Агатангел Битолски од храмот „Свети Димитрија” додека објектот се реновираше. Тогаш викарен владика и архиерејски заменик во Преспанско-пелагониската епархија беше сега расчинетиот владика Јован Вранишковски. До денес истрагата не утврди кој го украде черепот и каде го однесе, постојат само претпоставки дека бил препродаден на Kипар.

Останати вести