Припадници на австралиската антитерористичка полиција извршија масовна операција во неколку предградија на Сиднеј, по добиени сознанија за подготвка на терористички напад во авион.
Како што соопшти полицијата, при операцијата од слобода се лишени четири лица, на кои им е одредена мерка притвор. Операцијата била спроведена во сиднејските предградија Лакемба, Сари Хилс, Вајли Парк и Пaнчбoл. Прајминистерот и полицијата соопштија дека се уапсени луѓе кои планирале да разнесат патнички авион. На неколку места во Сиднеј беа извршени претреси од специјализирани единици на полицијата. Запленети се материјали кои докажуваат дека уапсените изработувале експлозивна направа. Уапсените се четворица, но нивниот број може да се зголеми.
„По совет, кој го добивме од разузнавачките агенции, ги презедовме потребните мерки за да ги заштитиме граѓаните. Воведени се дополнителни мерки за безбедност на аеродромите. Некои од нив ќе бидат видливи за луѓето, некои од нив ќе останат скриени”, изјави прајминистерот на Австралија, Малком Турнбул. Според полицијата, четворицата уапсени се радикални исламисти.
„Добивме информации дека неколку лица подготвуваат терористички напад. Дотогаш не знаевме каде и кога планираат да удрат или каква ќе биде природата на овој напад. Но подоцна дознавме дека воздушниот транспорт е потенцијалната намена”, рече Ендрју Колвин, комесар на австралиската федерална полиција.
Иако спречи атентат, Австралија не го подигна нивото на терористичка закана.
Граѓаните се предупредени дека поради дополнителните мерки за безбедност, на аеродромите може да се очекуваат доцнења.
Австралија е на штрек од нападите во 2014 година поради екстремистите што се враќаат од Блискиот Исток или нивните поддржувачи.
Австралиските власти велат дека спречиле низа потенцијални напади од тогаш, но имаше неколку „осамени” напади.
Околу 100 луѓе заминаа од Австралија во Сирија за да се борат во редовите на организации како што е Исламска држава, соопшти минатиот месец австралиското Министерство за имиграциja.
