Австралиската Влада ги повика своите жители да се регистрираат на контроверзната апликација за мобилни телефони „TraceTogether” (Да следиме заедно) за да ги следат нивните движења, откако официјални лица предупредија дека јавниот живот би можел да биде ограничен уште една година поради пандемијата на коронавирусот.
Австралискиот прајминистер Скот Морисон рече дека преземањето на апликацијата за паметни телефони, која беше критикувана од групите за граѓански слободи како напад врз приватноста, првично ќе биде доброволно.
Тој, сепак, одби да ја исклучи можноста апликацијата да стане задолжителна, потенцирајќи дека можноста за откривање на потенцијални нови жаришта на епидемијата е клучна за одлуката на официјалните лица да почнат со укинување на строгите мерки за социјално дистанцирање.
– Ќе ги повикам Австралијците да го сторат тоа, искрено, како дел од служба за државата, рече Морисон.
Тој истакна тоа е нешто што во нормално време можеби не би било направено, како и дека ова „не е нормално време”.
– Преземањето на оваа апликација ќе помогне да се спаси нечиј живот, рече австралискиот прајминистер.
Владата планира да ја воведе апликацијата во следните две недели по финализирањето на правните проблеми со приватноста, рече Морисон.