Архиерејска Златоустова литургија и Послание по повод Божик

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик се одржа архиерејска Златоустова литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан. 

На литургијата присуствуваа претседателот на државата Ѓорге Иванов со сопругата, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски со сопругата и претседателот на Владата, Никола Груевски, како и многу верници.
По повод Божик, архиепископот г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди!
“Во секој од нас нека потече извор на мир и братска љубов. Господ Христос е нашата моќ, нашата помош, нашата утеха, нашата радост и нашата надеж. Тој, како Човекољубец, со благодатната сила на Својата правда, нека ја поткрепува нашата Света Црква за да истраеме по патот на вистината, да го заштитува нашиот боговерен народ и со Својот Свет Дух да ја ороси нашата македонска земја. Да ги запре омразата, поделбите и меѓусебните непријателства. Да нè умудри сите заедно вдахновено да работиме за добробитот и напредокот на нашиот народ. Да ги исполни нашите домови со љубов и изобилна радост. Да ги земе под закрила нашите училишта, да ги просвети со спасоносната светлина благочестивите учители, наставници и раководители. Да ги благослови со Своите добрини нашите ученици и младината, зашто тие се утрешниот разум и совеста на Татковината. Домовите на сиромасите да ги поткрепи и исполни со вера и трпение, а на богатите да им подари сила за чинење на добродетели и милосрдие. Милостивиот Господ да биде покрај постелата на болните, да ги заштити вдовиците и сираците и на сите ним да им подари вера и блажена утеха. Во Господа е нашата радост, нашата љубов и нашиот живот. Затоа, Нему Му се молиме да ги чува нашата Светиклиментова Црква, слободата и независноста на нашата Татковина”, се наведува во Посланието.

Прославен и Бадник
И денот пред Божик, Бадник, традиционално беше одбележан со собир пред Соборниот храм во Скопје. Годинава кум беше бизнисменот Илија Малинковски, а здравичар познатиот поп-пејач Драган Мијалковски.
Свештениците од „Свети Климент Охридски” ги осветија нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им беа делени бесплатно на присутните.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и потоа му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар.
Според толкувањето на Црквата, палењето бадникарски огнови е пагански, фолклорен обичај.

Останати вести