Основачот на интернет ресурсот за обелоденување на политички скандали WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанж во интервју за магазинот Society изјави дека бил изневерен од францускиот претседател Франсоа Оланд кога откажал да му даде азил.
Според Австралиецот, преговорите со коишто на Џулијан Асанж требало да му биде одобрен престој и азил во Франција, со претседателот Франсоа Оланд, се воделе директно меѓу двајцата нив преку адвокат, пренесува AFP. Асанж тврди дека првично францускиот претседател го уверил во позитивна одлука, и истовремено се прашува што влијаело врз Оланд да го смени ставот.
„Во извесна смисла неговиот (конечен) став претставуваше ‘низок удар’. Можеби, тој сакаше да се покаже силен, но не пред Французите, туку пред САД и Велика Британија, кои бараа да им биде лојален. Тоа можеше да се стори јавно отфрлајќи го барањето”, вели Асанж.
Елисејската палата во петокот одбила да ги коментира за агенцијата изјавите на Австралиецот.
Шведска во август најави дека се надева дека до крајот на годинава ќе постигне договор со Еквадор за правно содејство, коишто ќе им овозможи на шведските обвинители да го сослушаат Асанж во врска со двете обвиненија против него подигнати во врска со сексуално злоставување и силување, за кои тој тврди дека се монтирани случаи поради неговите политички активности.
Асанж од 2012 година се крие во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што од еквадорските власти побара политички азил поради страв дека шведските власти ќе го екстрадираат во САД каде што би можел да биде суден за објавувањето на стотиците доверливи документи за војните во Ирак и во Авганистан, како и тајните дописи на американската дипломатија со непријатни белешки за многу светски државници.
Во јули годинава Џулијан Асанж преку страниците на парискиот дневен весник Le Monde му се обрати на францускиот претседател Франсоа Оланд со барање да му овозможи стекнување политички азил, но Елисејската палата тогаш негираше дека примила такво барање.