Девет мртви и 37 ранети во болница во Авганистан

Деветмина вработени во невладината организација Лекари без граници загинале, а 37 лица се тешко ранети во бомбардирањето на болницата во авганистанскиот град Кундуз. Најверојатно се работи на бомбардирање што го извршиле американски авиони.

Билансот на нападот може да се зголеми со оглед на тежината на состојбата на некои од ранетите но и поради тоа што има исчезнати лица помеѓу пациентите и персоналот на болницата.
За време на нападот 105 пациенти и 80 лица од персоналот биле во болницата а помеѓу нив имало Авганистанци и странски државјани.
Бомбардирањето во Авганистан од страна на коалицијата предводена од НАТО е предмет на контроверзи поради колатералните штети што ги предизвикува.
Цел на конкретното бомбардирање биле “лица кои биле закана за силите на коалицијата”, изјави портпаролот на мисијата “Одлучна поддршка” на НАТО. Авганистанското министерство за одбрана, пак, објави дека цел биле и “вооружени терористи кои ја нападнале болницата на Лекарите без граници и ја користеле како база за напади врз цивили и авганистанските сили”.
Според портпаролот на НАТО, можно е да имало колатерални штети и отворена е истрага.

Останати вести