Австралиецот Ешли Дибал ризикува да биде обвинет за учество во сирискиот конфликт откако бил уапсен на аеродром во Берлин. Дибал во Германија пристигнал на одмор од учеството во судирот во Северна Сирија каде што се борел на страната на курдската милиција ЈПГ.
Дваесет и три годишниот Австралиец на својот Фејсбук профил по апсењето цинично напишал: „се заблагодарувам на германската влада за тоа што ме смета за безбедносна закана и што ќе ме депортира назад во Ирак. Се извинувам што за тоа што се обидов да го направам светот подобро место за живеење”.
Според австралискиот адвокат на Дибал се уште не е јасно дали тој само ќе биде вратен назад во Ирак од каде што допатувал во Германија или пак ќе се соочи со казна затвор согласно австралиските закони. Дибал во Сирија се борел на страната на милицијата ЈПГ која води војна со силите на ИД а австралиските закони ги гонат сите тие што се придружиле на вооружени групи кои се борат за менување на признати влади на држави.
Според австралиските закони поради кои Дибал бил притворен во Германија не може прицизно да се заклучи дали силите што се борат против ИД можат да бидат гонети затоа што милицијата ЈПГ се смета за легитимна воена сила на локалните курдски власти во северниот дел на Сирија.
Прашањето за гонење на анти-ИД борците во Сирија и Ирак е актуелно во десетина други земји од каде што има доброволци во курдските воени сили или во силите на умерената опозиција во Сирија. Во регионот активни се и голем број платеници од Русија, Србија и неколку други држави кои што се борат на страна на силите лојални на режимот на претседателот Асад.