Поминаа 10 години откако во Мелбурн за последен пат играа репрезентациите на Австралија и Грција, а тогаш нашите сокеруси ги победија тогашните европски шампиони пред 95,000 публика. Се сеќаваме на златната генерација на Австралија во 2006 година што потоа имаше огромен успех на Светското првенство.
Овојпат на стадионот Етихад, под покрив, се играше пред полупразен стадион и во млака атмосфера против екипата на Грција која не е квалификувана ниту за Европскиот шампионат во Франција. За разлика од претходната средба – минатата сабота во Сиднеј, кога сокерусите победија со еден постигнат гол – овојпат во Мелбурн гостите дојдоа до водство во првото полувреме од два гола. Стрелци беа Петрос Манталос во 8-та и Јонис Манијатес во 21-та минута за водство од 0:2.
Голманот на сокерусите Адам Федеричи се покажа како многу слаб, примајќи гол од другата страна на теренот додека трчаше назад на голот.
Во второто полувреме, по една мешаница пред голот на гостите, Трент Сеинсбури во 58 минута намали на 1:2.
За сокерусите ова беше последната шанса да се испробаат нови фудбалери и комбинации пред продолжувањето со квалификациите за Светскиот куп.
