Австралиската влада беше обвинета за повреда на чувствата на Кина откако го предводеше глобалниот притисок за независна истрага за изворот на пандемијата на коронавирусот, пренесува „Ес-би-ес њуз”. Тоа го посочи еден од највисоките кинески дипломати во Австралија, категорично одбивајќи да потврди дека Ковид-19 потекнува од Вухан.
Ванг Сјининг, заменик-шеф на мисијата во кинеската амбасада во Австралија, на обраќање во националниот прес-клуб во Канбера рече дека фокусот на Австралија врз утврдувањето на потеклото на коронавирусот ги оштетил меѓународните односи и го навредил населението на Кина.
„Тоа ги повредува чувствата на кинескиот народ… Одеднаш тие ја слушнаа оваа шокантна вест за предлогот од Австралија за која се верува дека е добар пријател на Кина”, рече Ванг.
Австралија беше една од првите земји што го притисна Светското собрание за здравство, управното тело на СЗО, за сеопфатна, независна и непристрасна истрага за изворот на пандемијата на коронавирусот.
Иако други земји застанаа зад повикот, се чини дека Кина не ѝ простила на Канбера што го искажа своето мислење и го предизвика Пекинг на дипломатската сцена. Ванг призна дека Кина е навредена и посочи дека верува оти притисокот од Австралија бил неправеден зашто се засновал на претпоставката дека Вухан е извор на вирусот.
„Веруваме дека овој предлог беше насочен само против Кина затоа што во тоа време австралиските министри тврдеа дека вирусот потекнува од Вухан, од Кина и не укажаа на други места како можен извор. Сметаме дека тоа не е фер”, рече тој.
Австралијците беа и меѓу најгласните критичари на опасното одбивање на Кина да ги затвори пазарите за кои се смета дека се основа за вирусот.
Ова не е првпат Кина да навести трговски контрамерки против Австралија. Во април имаше предупредувања и од амбасадорот на Кина во Австралија, Јингје Ченг, дека Австралија ќе плати економска цена поради својот повик за истрага, потег опишан од еден австралиски министер како закани за економска изнуда.