Владата на прајминистерот Малколм Турнбул планира да донесе закон со кој би им се забранило на азилантите кои ќе пристигнат по морски пат воопшто да влезат во Австралија. Накратко, возрасните лица што се обиделе да влезат во Австралија од јули 2013 година наваму, но биле вратени назад, нема да можат да влезат во Австралија ни како туристи. Забраната не се однесува на деца, пишува британски Гардијан.
Турнбул изјави дека законот мора да се менува за да биде во склад со политиката на заштита на границите. Тој додаде дека ова е борба против шверцерите на луѓе и дека „Австралијците не би требало да ја потценат заканата”. Владата планира да го смени емиграцискиот закон од 1958 година, и премиерот очекува поддршка од опозициските лабуристи. „Луѓето мора да знаат дека вратите на Австралија се затворени за оние што сакаат да се прошверцуваат тука. Илјадници бегалци примаме доброволно, но нема да толерираме шверцување”, изјави австралискиот прајминистер.