Продолжуваат изненадувањата на машкиот кошаркарски турнир во Рио, а повторно го главната улога се кошаркарите на Австралија. Откако во првото коло ја изненадија Франција, сега сосема заслужено извојуваа уште една победа, овојпат над фаворизираната Србија со 80-95.
Кошаркарите на Србија во грч го започнаа дуелот. Во почетните минути српската одбрана беше катастрофална, прими дури 26 поени, но во исто време и нападот предводен од Радуљица, кој запиша 10 поени беше расположен, постигна 26 поени и не дозволи повисока негатива,
Во вториот период по само две минути игра Србија го презеде водството и најави дека нема така лесно да се предаде, а најзаслужен за тоа повторно беше Радуљица. Во продолжението австралиските кошаркари продолжија со отворената и брза кошарка, имаа предност дури и од +7, но трпеливата игра на српските кошаркари вроди со плод пред самиот финиш кога Мачван и Теодосиќ погодија за ново водство на Србија од 43-40, резултат со кој се замина на одмор.
Третиот период донесе израмнета кошарка и намалување на водството на Србија на само +1, а во почетните мигови од последната четвртина водството се менуваше при скоро секој напад, сè до четвртата минута кога на сцена стапија Милс и Иглс и на Австралија ѝ донесоа предност од +7. Токму смирената рака на овие двајца кошаркари беше пресудна во последните минути за ново изненадување и за нова победа на кошаркарите на Австралија (80-95).
