Австралиското министерство за одбрана изрази сочувство до семејствата на 62 сириски војници убиени во воздушниот напад изведен од коалицијата предводена од САД.
Австралиски борбени авиони биле во формацијата од вкупно пет летала кои во воздушниот простор на Сирија влегле од соседен Ирак и го извеле нападот врз сириската војска на аеродромот во близина на Деир-ез-Зор, во истоимената источна сириска покраина, верувајќи, како што се тврди, дека напаѓаат позиции на џихадистичката Исламска држава.
Набрзо по бомбардирањето, руски функционери го известиле центарот на здружените воздушни операции дека се гаѓани позиции на сириската армија кои во тоа време биле под опсада од Исламската држава. Како што објавија подоцна руското и сириското министерства за одбрана, после коалицискиот напад следела офанзива врз аеродромот од страна на џихадистите која е сопрена по жестоки судири.
Австралиското министерство за одбрана соопшти дека во целост ќе учествува во истрагата околу инцидентот, пренесе телевизијата ABC.
„Австралиските воздухопловни сили учествувале во операцијата на коалициските војски во близина на Деир-ез-Зор заедно со меѓународните воздушни сили. Австралија никогаш намерно не би ја гаѓала сириската војска и активно би ја поддржувала Исламската држава”, се наведува во писмената изјава на австралиското министерство за одбрана.
Началникот на Рускиот центар за примирјето во Сирија, Владимир Савчено изјави дека два авиона „F-16″, два авиона од типот „А-10″ и американско ударно беспилотно летало нанеле воздушни удари врз клучни објекти на одбраната на сириската армија во близина на Деир-ез-Зор, во истоимената покраина, и оти нападите биле прекинати по 50 минути.
„Министерството (за одбрана на Австралија) им изразува сочувство на семејствата на убиените сириски војници и на сите ранети во овој инцидент”, се наведува во изјавата.
Според сириската команда во нападот на коалицијата предводена од САД, за кој официјален Дамаск изрази отворено сомневање дека биле „ненамерен” и по грешна разузнавачка процена при следење на џихадистичките сили, што објави Пентагон и здружената команда на американските сили, убиени се 62 сириски војници, 100 се ранети, а уништени се 20 единици воена техника.