Иако по големина на територијата е шеста на светот, а по број на жители одвај малку поголема од поранешна Југославија, Австралија одбива да ги отвори вратите на се поголем број муслимански бегалци и така барем малку да ги намали последиците од судирите во кои и таа учествува.
Австралискиот премиер Малком Трнбул пред неколку дена ги повика светските лидери собрани на самит на ОН во Њујорк да го следат примерот на Австралија и со построга контрола на границите да го оневозможат преголемиот прилив на бегалци и емигранти кои се закана за стабилноста на нивните земји. Со тоа, тврди Трнбул, ќе се овозможи подобар однос на домашните жители кон бегалците затоа што обичните граѓани не би се чувствувале загрозени од нивното доаѓање. Меѓутоа, австралискиот рецепт речиси ниту една развиена земја на светот не би можела да го примени дури и да сака, затоа што ја немаат таа среќа да се опкружени со море. Со ваква природна препрека може само да се пофали Велика Британија, но и таа е поврзана со европското копно преку тунелот под Ла Манш, што голем број Британци би го затрупале, кои се исплашени од неодамнешниот голем бран на бегалци.
Второ, и да можат, многу развиени земји не би ја следеле контраверзната австралиска политика кон бегалците. Звучи речиси неверојатно богата и развиена земја како што е Австралија да прими само 13,750 бегалци годишно. На почетокот на годинава, земјата се обврза дека ќе прими и 12,000 бегалци од Сирија и Ирак, со тоа што досега пристигнале само 3,532. Само за потсетување, Австралија по површина е шеста најголема земја на светот, веднаш зад Соединетите американски држави и Бразил, а сепак има само 24 милиони жители. Од друга страна САД имаат 324 милиони жители, Бразил 209 милиони, што значи дека Австралија во најголем дел е целосно ненаселена.
Австралија надалеку е позната по строгата контрола на своите граници и непопустливиот третман на оние кои во земјата се обидуваат да влезат илегално. Тоа најголема заслуга е на претходниот премиер Тони Абот, кој честопати го критикуваа поради начинот на кој ги спречуваше илегалните влегување во земјата. Неговата влада ги пресретнуваше бродовите и ги враќаше, а оние кои одбиваат да се вратат, се насочуваа кон камповите на островите Christmas Island, Nauru и Manus, каде во просек минува 456 дена. Токму овие кампови, кои за многумина потсетуваат на затвори и во кои нивото на криминал и насилство се особено високи, се причина поради која Австралија е честопати мета на критики на невладини организиации кои се грижат за доброто на азилантите.
Зошто Австралија толку се плаши од дојденците кога е меѓу најразвиените земји во светот? Австралија нема потреба, а ни можности, како Германија или САД, да вработува голем број луѓе и така постојано да ја зајакнува својата економија, нивото на невработеност е околу 5,6 одсто. Тоа, според експертите, може многу брзо да се промени, ако земјата ја поплави евтина работна рака, како последица на зголемена имигранска квота. Секако, треба да се спомене и тоа дека во Австралија годишно доаѓаат околку 300,000 мигранти, односно привремени работници од Нов Зеланд, Велика Британија, ЕУ и азиските земји. Сите тие се конкуренција на австралиската работна сила и една од причините поради кои цените на недвижностите се многу високи, и за просечниот австралиец се се помалку достапни.
Тешко е да се очекува дека во догледна иднина австралиската влада ќе ја промени својата политика кон доселениците. Имено, една од двете најсилни партии либералите (партија на десен центар) и лабуристите ( партија на лев центар) нема да ризикуваат да го загубат бирачкото тело поради промени кои можеби би влијаеле на развојот на земјата на долги патеки. Тоа што дополнително ја отежнува нивната позиција е тоа што гласањето на избори е законска обврска на сите австралиски граѓани, така што ниту една партија не се осудува со својата политика да отиде премногу лево ни премногу десно, зошто со тоа би ризикувале да го загубат најголемиот број на бирачкото тело наклонето кон центарот.
Меѓутоа во последните неколку години бројот на оние кои ја поддржуваат политиката на крајна десница, се повеќе расте. Меѓу нив најгласно е движењето „Вратете ни ја Австралија”, кое отворено се противи на доаѓањето емигранти и бегалци од исламските земји, под мотото дека муслиманите би можеле да ја „поплават Австралија”.
Факт е дека во 2006 година во Австралија имаше само 1,7 одсто припадници на исламска вероисповед а пет години подоцна тој број се зголеми на 2,2 одсто. Токму овие бројки не можат да ги намалат нивните стравови од верата „која никако не се вклопува во австралискиот начин на живот”.
Сепак, и покрај привремените и поединечните исламофобични испади, како и отпор кон доаѓање на се поголем број емигранти и бегалци, Австралија и понатаму може да се пофали дека е отворена и мултиетничка земја, во која сите имаат еднакви права. Тоа на што земјата сепак треба посериозно да поработи е превеземање поголем дел од одговорноста за воените разорувања во земјите од Блискиот исток, во кои како поддршка на Америка, учествува и австралиската војска. На крај на краевите, да не беа војните во Ирак, Либија и Сирија, светот денес сигурно не би се соочувал со толкав голем број бегалци за кои никој, па дури ни Австралија не сака да превземе одговорност.
Значително голем број Австралијци се против доселување на мигрантите-муслимани
Речиси половина од Австралијците ја поддржуваат идејата за воведување на забрана за прием на мигранти муслимани во Австралија, а помал процент се против ваквата мерка, покажуваат резултатите од анкетата на социолошкиот центар „Исеншан”.
Како што јави ДПА, според оваа анкета, 49 проценти од анкетираните Австралијци се согласуваат со ставот дека Австралија не би требала да дозволи доселување на муслимани на нејзината териотија, а 40 отсто се против таа идеја.
Негативен став кон приемот на муслиманските мигранти имаат 60 отсто од гласачите на владејачката конезрвативна Либерално-национална коалиција и 40 проценти од поддржувачите на опозициската Лабуристичка партија. Со овој став се согласуваат само 34 отсто од гласачите на третата по големина политичка сила во Австралија, Зелената партија.
Од оние кои ја поддржуваат забраната, 41 отсто сметаат дека муслиманските мигранти не се интегрираат во австралиското општество, 27 проценти дека претставуваат потенцијална терористичка закана, а 22 отсто оценуваат дека муслиманите не ги споделуваат нивните вредности.
Анкетата била спроведена на почетокот на август со учество на 1.000 лица.