Австралија во шок поради фотографии на војниците во Авганистан

Австралиски Гардијан добил ексклузивни снимки од австралиски војник како пие пиво од протеза која му припаѓала на талибански милитант во Авганистан.

Гардијан Австралија објави ексклузивни снимки на кои се гледа како еден војник, кој е сè уште во служба, пие пиво од вештачка нога во неофицијалниот бар Фет лејдис армс кој се наоѓа во базата на австралиските специјални сили Тарин Ковт, главниот град на провинцијата Урузган. На други фотографии, снимени во 2009 година, се гледаат двајца војници како танцуваат со ногата.
Објавените фотографии се првиот доказ на претходните извештаи дека австралиски војници ги користеле вештачките екстремитети на загинати талибански борци како садови за пијалак.
Некои војници тврдат дека офицерите ја толерирале таа пракса, па дури и дека некои учествувале во тоа и покрај тоа што вештачката нога е нешто што австралиските војници никако не смееле да го донесат од боиштето ни да го задржат.
Фотографиите се појавија неколку дена откако беше објавен извештајот на австралиските власти во кои се наведува дека припадници на специјалните едници се одговорни за убиство на авганистански цивили и прикривање на тие злосторства.
Ногата наводно му припаѓала на талибански милитант кој бил убиен за време на нападот на воениот комплекс во Какарак во април 2009. Неговата нога била земена од боиштето и се чувала во Фет лејдис армс за посетителите некогаш да можат да пијат пијалак од неа.
Ногата потоа била ставена на ѕид со нацистички декорации – Железен крст и натпис „Das Boot”. Еден припадник на специјалните сили кажа за весникот дека ногата од тогаш патувала насекаде по светот со единицата.
„Каде и да беше отворена Фет лејдис армс, тука беше и ногата од која повремено се пиеше”, кажа тој и додаде дека и командантите повремено доаѓале во барот и пиеле од ногата.
Во извештајот за воените злосторства на австралиските војници познат како „Бреретон извештај” не се спомнува ногата, ниту дали војниците биле истражувани поради земање воени трофеи, но се спомнува како пример на компромитираното лидерство на командантите.
Врз основа на австралиските закони, земањето воен плен се смета за злосторство и е казниво со затвор.
Во извештајот на судијата Бреретон се наведува дека полицијата испрашувала 19 војници поради сомнеж дека убиле 39 затвореници и цивили и мачеле уште двајца. Истражителите нашле кредибилни докази дека 25 поранешни и сегашни војници учествувале во тешки злосторства.
По објавувањето на извештајот, началникот на генералштабот генералот Ангус Кембел соопшти дека ќе ги прифати препораките од извештајот и ќе ги лиши од одликувањата војници кои служеле како специјалци од 2007 до 2013 година.
Извештајот предизвика гнев во редовите на австралиската војска и семејствата на загинатите кои сметаат дека многу невини се неправедно обвинети.
Фотографиите од вештачката нога се појавија во исклучително чувствителен момент за австралиската влада. Кинески функционер објави фотомонтажа од австралиски војник како коле авганистанско дете со текст „Не плашете се, дојдовме да ви донесеме мир”.
Премиерот Скот Морисон оцени дека објавата на портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи е скандалозна и одвратна и побара извинување од Кина.

Останати вести