Самоизолацијата станува реалност во Австралија каде што луѓето сè почесто ги напуштаат областите во кои се населени многу мигранти, особено исламско население, вели сенаторот Малколм Робертс, пренесува порталот „Брејтбарт”.
– Ова не е само бегство на белците, ова е бегство на сите. Секој Австралиец бега од овие нови гета – вели популистот од партијата “Една нација” цитирајќи истражување за диверзитетот и социјалната кохезија кое сугерира дека идентитетот на земјата и социјалното ткиво почнуваат да избледнуваат.
Тој на колегите во австралискиот Горен дом на парламентот им нагласи дека културата и интеграцијата им се важни на Австралијците и ги осуди ладнокрвноста и арогантноста на политичките елити што одбиваат да го признаат тоа.
– Во нашето сè понапнато општество самонаметнатата сегрегација стана реалност. Бараме заштита за нашите деца, нашите ќерки, нашиот имот, нашата слобода – рече Робертс.
Сексуалните напади над жените и девојките станаа сè почести во Европа по напливот на мигранти. Германските власти и медиуми беа критикувани поради обидите за прикривање на сексуалните напади на новогодишната ноќ 2015 наспроти 2016 година, а нападите во Австрија се зголемија 133 отсто во 2016 година. Неодамна Шведска беше шокирана кога неколку лица се вклучија во живо на „Фејсбук” додека силуваа една девојка, а италијанскиот популист Матео Салавини повика на воведување хемиско кастрирање на силувачите откако еден мигрант од Нигерија беше обвинет дека се обидел да силува 62-годишна жена која работела во центар за азиланти.
Зборувајќи на истата дебата, независната пратеничка Џеки Ламби го пофали обидот на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да им забрани влез во САД на жителите од седум претежно муслимански земји. Таа сугерира дека на оние што сакаат да влезат во Австралија, а не ги делат истите демократски верувања и не ја почитуваат слободата, треба да им се забрани влез во земјата. Kако особена причина за загриженост беа наведени оние што го бранат и пропагираат шеријатскиот закон.
– Шеријатскиот закон е антидемократски рак кој не припаѓа во слободното општество. Kако може некој што мисли дека е во ред жените да се третираат како имот на мажите и како жители од втор или трет ред да ги делат австралиските демократски вредности – праша таа.
Пратеничката побара да и биде посочена успешна демократија на Блискиот Исток.
– Шеријатот е недемократски. Ако луѓето го поддржуваат шеријатскиот закон и сакаат да влезат во Австралија, не пуштајте ги. Тие очигледно се поддржувачи на терористите, нивните закони и нивната култура. Посочете ми успешна демократија на Блискиот Исток која не наместува смртна казна за хомосексуалците, која не ги убива жените што им биле неверни на сопрузите и која не им го негира правото на Евреите да живеат во мир во Израел – рече Ламби.