„ГАРДИJАН” ОБJAВИ ЗАСТРАШУВАЧКИ ДОКУМЕНТИ ЗА АВСТРАЛИСКИОТ БЕГАЛСКИ КАМП
Науру е најмалата островска држава на светот во која што живеат помалку од 10 илјади луѓе. На последниот попис од јуни 2016-та година, на малиот остров се сместени 442 бегалци од кои 338 мажи, 55 жени и 49 деца. Во другиот камп на островот Манус биле сместени 854 луѓе од кои сите се мажи.
Повеќе од 2.000 објавени извештаи од австралискиот камп за азиланти на островот Науру ги откриваат траумите и малтретирањата што ги преживеале децата во кампот. Документите, објавени од британски „Гардијан”, ги откриваат сексуалните напади, обидите за самоповредување, малтретирањето на децата и условите во кои живеат барателите на азил притворени од австралиската влада, притоа претставувајќи слика на рутинско нефункционирање и суровост.
Анализите на документите откриваат дека децата се многу застапени во извештаите, па во повеќе од половината од вкупно 2.116 извештаи, или 1.086 инциденти, се вклучени деца, иако децата претставуваат само околу 18 отсто од оние кои биле во кампот во периодот опфатен во извештаите, од мај 2013 до октомври 2015 година. Во извештаите има седум извештаи за сексуални напади над деца, 59 за напад над деца, 30 за самоповредување во кои се вклучени деца. Извештаите посочуваат на дела на очај. Документите покажуваат како австралиската влада не успеала да одговори на предупредувачките знаци и открива наводи за сексуални напади во кои често се вклучени и деца, а кои никогаш претходно не биле откриени. Најосудувачките докази доаѓаат од сведоштва на вработените во кампот. Наведен е пример од септември 2014 година, кога девојче си ги зашило усните, а еден чувар ја видел и се смеел.
Голем број баратели на азил на Науру не можеле да го напуштат кампот во периодот опфатен во документите. На некои им била дадено дозвола за еднодневно патување, но тие биле следени за да се осигури дека ќе се вратат пред полицискиот час.
Наводите за сексуални напади, особено над млади жени, се честа тема во документите. Во еден извештај е наведено дека барателка на азил раскажала дека и било кажано оти е на листа напишана од страна на локалните чувари, а на која биле напишани самите жени кои ги чекале. Таа добила понуди за забременување кога ќе излезе. Kултурен советник од „Вилсон секјурити”, компанијата која вработува чувари во кампот, наводно и рекол на азилантка која била сексуално нападната дека силувањата се чести во Австралија и дека луѓето не се казнуваат. Таа истакнала дека чуварот ја прашал дали имало сексуален напад и зошто не викала. Има известувања дека возачите на автобуси правеле воајерски фотографии од жените во кампот и ги користеле за мастурбирање.
Медицинските експерти постојано предупредувале за менталните нарушувања предизвикани од продолжениот притвор. Еден маж прашал каде може да си купи куршуми за да најде некој да пука во него. Жена наострила молив со жилет и си ги исекла вените. Науру е дом на помалку од 10.000 луѓе, а според последните пребројувања од јуни, 442 лица, од кои 49 деца, се сместени во центарот за процесуирање на барањата за азил на островот. Во другиот австралиски центар на островот Манус биле сместени 854 лица, само мажи. Овие два центра ја чинат Австралија 1,2 милијарда долари годишно.
„Ова е само дел од проблемот”
Две агенции на ОН и неколку религиозни, медицински и групи за човекови права побараа од австралиската влада да го запре страдањето на барателите на азил и бегалците во нејзините центри надвор од земјата. Од УНХЦР истакнаа дека се сериозно загрижени поради наводите и дека сите бегалци и баратели на азил треба да бидат преместени од Науру во хумани услови. Група од 26 лица што работеле за „Спасете ги децата” објави соопштение и истакна дека тие се автори на голем број извештаи, но дека објавеното е само дел од големиот проблем.
Директорот за истражување на „Амнести интернешенел”, Ана Неистат, која минатиот месец тајно беше да го истражи центарот, рече дека извештајот на „Гардијан” открива систем на рутинско нефункционирање и суровост, кој е целосно осудувачки за австралиските власти кои се обидувале да одржуваат превез на тајност. Австралиската Медицинска асоцијација повика на воспоставување истражно тело, целосно независно од владата, кое веднаш би ги проценило здравствените и условите за живеење на секое лице во центарот.
Kако одговор на документите, австралискиот Оддел за имиграција и заштита на границите истакна дека голем дел од извештаите за инциденти отсликуваат непотврдени наводи или изјави и тврдења.
– Тоа се недокажани тврдења – истакнаа од Одделот.
