Бајден рече дека Путин е убиец, Русија се налути

Русија го повика својот амбасадор во САД назад во Москва за консултации за иднината на руско-американските односи по изјавата на американскиот претседател Џо Бајден дека Владимир Путин „ќе ја плати цената” за наводното мешање во американските избори, а на прашањето дали смета дека Путин е убиец одговори потврдно.

„Ќе ја плати цената, а какви ќе бидат последиците ќе видите наскоро”, кажа Бајден за “Еј-би-си њуз”.
Бајден изјавата ја даде по извештајот на американските разузнавачки служби во кои се потврдува наводното мешање на Русија во изборите во САД и оти зад тоа стои самиот претседател Путин.
Русија возврати дека станува збор за неосновани обвинувања.
За Путин кажа дека „релативно добро го познава” и дека според неговото искуство со странските лидери најважно нешто е да се познава соговорникот.
Тој кажа и дека не верува оти рускиот лидер има душа, а на прашањето дали мисли дека е Путин убиец кажа: „Да, го мислам тоа”.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало својот амбасадор Анатолиј Антонов во Москва за да разговараат за иднината на односите на Русија и САД.
„Потегот е смислен за да се обезбеди билатералните врски да не се влошат непоправливо”, се наведува во руското соопштение.
„Главното нешто за нас е да се утврдат начините на кои нарушените руско-американски односи кои Вашингтон ги доведе во ќорсокак во последните години можат да бидат поправени”, изјави портпаролката на министерството Марија Захарова.
Претседателот на долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин кажа дека „Путин е нашиот претседател и напад врз него е напад врз нашата држава”.
„Со своите изјави Бајден ги навреди граѓаните на нашата земја”, додаде блискиот соработник на Путин во првата реакција на изјавата на американскиот претседател.

Останати вести