Минатава сабота во “Emerald Reception” во Томастаун, Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски” го одржа традиционалниот и надалеку прочуен бал.
Вечерта за пријатно расположение на присутните се погрижи Наум Петрески, доаенот на народната македонска песна, заедно со Оливера Коцева и Милован Секулоски, а во инструментална придружба на извонредните мајстори: Џеват Рамаданоски (виолина и тамбура), Стефче Стојковски (кавал, зурла и гајда), Душко Божиновски (хармоника), Круме Милески (клавијатури) и Живко Ѓоргиевски (тапани).
Во говорот пред присутните Васко Ангеловски изјави дека друштвото со големо задоволство и одговорност го носи името на својот патрон Св. Наум Охридски и ќе продолжи со својата културно-хуманитарна активност за добробит и промоција на историските, културните и традиционални вредности и богатства на Охрид и Македонија.
Тој им изрази благодарност на сегашните и членовите на поранешните управни одбори, како и на сите донатори и помагатели на активностите на друштвото.
За годинашните адети се погрижија кумовите на славата Митко и Весна Караѓуле со фамилијата.
За наредната година беa извлечени на ждрепка кумoвите и тоа ќе биде фамилијата на Дончо Каневче.
Честитки за управата на Охридското друштво “Свети Наум Охридски” за продолжување на убавата традиција и за прекрасно организираниот бал.


