Унифицираното адаптирање на излозите на дуќаните во чаршијата е погрешно, рече Лазар Шуманов, претседателот на невладината организација „ИКОМОС”, по повод Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите.
– Не може секој дуќан да има ист изглед. Се нарушува автентичниот изглед на чаршијата – тврди архитектот Шуманов.
Тој додава дека времето ќе покаже кој бил во право, дали оние кои се против новите излози или оние кои ги реновираат.
На прашањето дали цртањето графити на Порта Македонија може да се смета за уништување на културното наследство, Шуманов вели дека тој не е запознаен со случајот и дека доколку навистина Портата е прогласена за историско наследство тоа е неосновано, бидејќи таа претставува нов објект.
Прогласувањето на Порта Македонија за културно наследство минатата година наиде на критики од стручната јавност.
– Овој објект, како и најголемиот дел градби од „Скопје 2014″ не поседува никаква вредност за да биде прогласен за културно наследство. Во случајот е направена злоупотреба на член од Законот за заштита на културно наследство во кој стои дека ex lege се прогласуваат за културно наследство и зградите во кои се чуваат вредни збирки. Така, на предлог на конзерваторскиот центар Скопје како културно наследство се прогласени Музеј на Македонија, старата зграда на Архивот на РМ (сега новата барокна), зградата на новиот Археолошки музеј, Спомен куќата на мајка Тереза, Музејот на ВМРО и порта „Македонија”, која замислете била составен дел на овој „музеј”, кој и самиот е спорен затоа што во него има повеќе восочни фигури отколку оригинали! Оваа порта нема никаква вредност туку е само сведоштво на коруптивните активности на „мафиократијата” – вели професорката Донка Барџиева.
Реагираше и актерката Сања Арсовска според која државата лицемерно се грижи за новоизградените споменици без никаква вредност, додека вистинското национално наследство веќе со години се распаѓа и никој не презема ништо за негова заштита.
Архитектот Шуманов смета дека историските споменици не треба да се заклучат и да престанат да се користат, но сепак треба да се внимава во нивната пренамена. Така на пример, во 2001 година имало можност Чифте-амам да биде реновиран и повторно пуштен во употреба како амам, бидејќи се уште содржел некои од основните негови елементи, меѓутоа се одлучило тој да биде претворен во уметничка галерија.