Лекарите не го даваат бебето бегалец

Персоналот на болницата во Бризбен, одбива да потпише отпусна листа за 12-месечната Аша, која со семејството треба да биде вратена во камп на островот Науру. 

Случајот со новороденчето Аша и болницата во Квин­сленд, која одби да ја потпише отпусната листа за нејзино принудно враќање во притворниот камп во Науру, подели поранешни лидери на водечки државни медицински органи во Австралија, но обедини голем број влијателни поддржувачи колеги лекари од повисоките ешалони на владата на Палашчук.
Во понеделникот собирот во знак на протест пред детската болница „Лејди Чиленто” влезе во четвртиот ден, со лекари, медицински сестри и парламентарци меѓу оние што дојдоа за да покажат солидарност со одлуката на болницата дека притворниот камп „Науру” не е безбедно место за бебе.
На демонстрантите – некои од нив ја преспаа ноќта таму со цел да се одржи постојано присуство на местото меѓу постојаните собири кои привлекуваа стотици луѓе – им беше кажано од страна на болничкиот персонал дека телефонската централа на болницата „се запали” од повици за поддршка.
Лекарите го лекуваа детето од изгореници предизвикани од врела вода која случајно била истурена врз него во Науру, но инсистираа на тоа таа да не биде отпуштена додека „не се идентификува соодветно домашно опкружување”.
Меѓу нивните поддржувачи се и Џуди О’Донел, пензионирана лекарка и поранешен виш медицински служ­беник во болницата „Матер” во близина, која рече дека „навистина е многу горда што тие го зазедоа овој став”.
„Мислам дека тоа е опасно и за нив. Може да има потенцијални последици за нив во нивните кариери”, изјави О’Донел. „Ако сте во јавното здравство и направите ‘погрешна работа’, постои ризик да бидете обележани со црно и тоа да има негативно влијание на вашата кариера. Мислам дека тоа е многу реален ризик”.
О’Донел наведе дека третирала „многу деца на баратели на азил”, кога работела во болницата „Матер” за ментално здравје на деца и млади, пишува „Гардијан”.
Стотици луѓе се собраа пред детската болница во Бризбен, во знак на протест против претстојната депортација на едногодишно девојче, познато како бебето Аша. Лекарите одбиваат да го отпуштат од болница детето, кое било лечено од тешки изгореници здобиени во имиграциски протворен камп во близина на брегот.
Демонстрантите извикуваа „Дозволете им да останат!”, осврнувајќи се на семејството на бебето Аша, 12-месечно девојче кое дојде во Австралија од кампот на јужниот пацифички ос­тров Науру за да добие медицинска нега за здобиените изгореници од случајно истурена врела вода врз него пред неколку недели.
Демонстрантите одржаа солидарно бдеење пред болницата, и ветија дека ќе продолжат со протестите и во текот на викендот, спротив­ставувајќи се на строгата имиграциска политика на владата.
Д-р Ричард Кид, од „Лекари за бегалци” ја пофали одлуката на лекарите да не го отпуштат малиот пациент. „Постојат силни докази… за ужасни повреди кои им се нанесуваат на бебиња и деца… во притворните центри, особено во близина на брегот”, изјави тој.
Можеби медицинскиот пер­сонал засега го одложи депортирањето на бебето Аша, но нејзиното семејство се изјасни дека не се чувствуваат безбедно.
„Австралиската гранична служба и во минатото отфрлала одлуки на медицински експерти, па семејството се’ уште е многу исплашено дека би можеле тајно да бидат грабнати од болницата и вратени во притворниот камп”, изјави Шен Нарајанасами, директор на Групата за човекови права за „Сиднеј морнинг хералд”.

Останати вести