Бизнисмен се заканувал дека ќе затруе бебешко млеко со пестициди

ОСУМ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА УЦЕНА НА МЛЕКОПРОИЗВОДИТЕЛИ И ЗАКАНА ПО БЕЗБЕДНОСТА НА ЛУЃЕТО
Бизнисмен од Нов Зеланд кој се закануваше дека ќе затруе млеко во прав за новороденчиња со пестициди доби затворска казна од осум години и шест месеци.

Џереми Кер (60) претходно се изјасни за виновен по две обвиненија за уцена против млечните гиганти „Фонтера” и „Федерејтед фармерс”.
Кер испрати анонимни писма до двете организации во ноември, 2014 година и се закани дека ќе пушти бебешко млеко затруено со пестицид 1080 во оптег на кинескиот пазар ако владата на Нов Зеланд не престане да го произведува пестицидот.
Извозот на млеко во Кина е значаен дел од стопанството на Нов Зеланд.
Заедно со писмата им имал испратено и мали најлонски кесички со примероци од млекото во прав затруено со доволно количество 1080 за да убие повеќе од десетина новороденчиња, стои во судските документи.
Судијата Џефри Венинг рече дека Кер, кој произведувал конкурентен производ за контрола на штетници, ги напишал писмата бидејќи се надевал дека ќе извлече финансиска корист ако биде забранета употребата на пестицидот 1080.
Овој пестицид масовно се користи во Нов Зеланд за контрола на стаорци и ласици што се закана за опстанокот на загрозени видови птици како киви.
Судијата рече дека делото на Кер спаѓа во тешки кривични дела.
Обвинителството рече дека обидот за уцена ги чинел компаниите и владините министерства повеќе од 22 милиони долари, од кои само „Фонтера” пресмета загуба од 13,4 милиони долари.
Судијата рече дека злоделото резултирало со голема закана по трговските односи на Нов Зеланд со другите земји.
Тој сепак го зеде предвид сознанието дека Кер воопшто немал намера да ја реализира неговата закана.
Случајот беше една од најголемите кривични истраги на полицијата на Нов Зеланд, траеше речиси 11 месеци и чинеше повеќе од 2 милиони долари.

Останати вести