Македонската полиција на границата со Грција соопшти дека дневно открива од 100 до 150 фалсификувани грчки потврди што ги добиваат бегалците како доказ дека се регистрирани во земјата и дека може да продолжат на нова етапа од патот кон западна Европа.
Според информациите од македонското МВР, досега немале случај со фалсификуван пасош. За потврдите се смета дека се подостапни и поевтини и се прават од страна на грчки шверцери.
– Полицајците лесно ги откриваат фалсификуваните потврди и по печатите и по квалитетот на хартијата. Бегалците што ќе бидат фатени со вакви потврди веднаш се враќаат назад во Грција, бидејќи овие потврди се официјален документ за влез во земјите на ЕУ – велат во МВР.
Вакви потврди обично имаат бегалци што не се од Сирија, Авганистан или од Ирак и кои, според договорот со земјите од ЕУ, не треба се пропуштаат понатаму.
Пасошите за ЕУ двојно поскапи од балканските
Иако нема податоци за користење фалсификувани пасоши, не значи дека ги нема. Авганистанскиот бегалец Насим кој успеа да стигне во Швајцарија, вели дека додека на крајот на летото лани чекале во Турција да фатат брод за Грција, можеле слободно да дојдат до пасоши од европските земји.
– Тогаш пасошите беа од пет до десет илјади долари, зависно за која земја барате. Оние што имаа пари лесно можеа да нарачаат пасоши – вели Насим.
Пасоши се купувале и во Атина, на плоштадот „Викторија” кој беше собирен центар за бегалците и тоа по малку пониска цена отколку во Турција.
Но, според информациите од пред неколку дена, цената на фалсификуваните пасоши се зголемила. Полицијата во Истанбул пред извесно време привела двајца Сиријци за кои се тврди дека фалсификувале пасоши, дозволи за престој, лични карти, визи и авионски билети. Приведените Сиријци наводно, за 7.000 долари фалсификувале пасоши од сите балкански земји, а двојно повеќе, за 15.000 долари пасоши за земјите од ЕУ и за САД.
Од друга страна, според претставници на ЕУ, земјите на Унијата се преплавени со фалсификувани пасоши. Трговијата со лажни и украдени пасоши излезе од контрола, па САД побарале од пет земји-членки на ЕУ да преземат мерки или ќе го загубат безвизниот режим. Наводно бројот на фалсификувани и украдени пасоши во ЕУ за пет години двојно се зголемил. Иако главниот проблем со фалсификувани и украдени пасоши е регистриран во Грција и во Италија, претставници на ЕУ го посочуваат примерот со Шведска, каде што на пример од четири до шест пати годишно можете да го загубите пасошот и да добиете четири до шест нови пасоши. Според него, во Шведска веќе се издадени најмалку 20 илјади дупликати.
(“Дневник”)
ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ 53,434 МИГРАНТИ ПОМИНАЛЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА
Во јануари годинава низ Македонија поминале 53,434 мигранти. Меѓу нив, најбројни се државјаните на Авганистан (351), потоа на Сирија (297) и на Ирак (283).
Од почетокот на годинава досега поднесени се шест барања за признавање на право на азил.
Гевгелиските села се полни со мигранти
Селата Богородица (кое се наоѓа во близина на граничниот премин), како и Моин (на патот што води кон ски-центарот Кожув), непосредно до границата со Грција деновиве вријат од бегалци. Тоа се најчесто мигранти од Иран, Пакистан и Мароко коишто не ги исполнуваат условите за влез во Македонија поради тоа што од ЕУ се прогласени за економски мигранти.
Тие доаѓаат ноќе преку илегални премини и не се задржуваат долго во селата, туку наоѓаат начин што поскоро да го продолжат патувањето до границата со Србија, каде што ги чека истата мака. На други места на граничната линија речиси е невозможно да се помине поради тешко пристапниот терен, но и поради оградата што е поставена.
Кога ќе дојдат в село, прво влегуваат во локалната продавница и ги купуваат најосновните работи, најчесто леб, вода, паштета, кроасани и млеко, особено доколку во групата има и деца.
Некои од селаните кои подобро зборуваат англиски јазик им излегуваат во пресрет и им кажуваат како најбрзо и без да бидат откриени од полицијата можат да стигнат до северната граница кај Табановце.
Оние што можат да си дозволат патуваат со возила, но и тука постои ризик како за оние што ги превезуваат, така и за мигрантите. Доколку бидат откриени, возачот може да заработи затворска казна, а мигрантите да бидат сместени во азилантскиот центар во Визбегово.
Другиот начин, кој е многу понапорен и на кој малкумина се одлучуваат, е одењето пеш по должина на течението на реката Вардар на стариот пат кај Демир Капија, но и по железничката пруга кај Велес. На оваа „авантура” обично се решаваат само мажи и за да стигнат до целта им треба и по неколку дена.