Бегалец ја освои најпрестижната книжевна награда во Австралија

Иранскиот Курд Бехроуз Бучани не ја прими лично наградата, бидејќи е во притворскиот центар на островот Манус од 2013.

Курдско-ирански новинар кој моментално е затворен во камп во Папуа Нова Гвинеја освои две престижни австралиски книжевни награди и доби 125.000 австралиски долари.

Победникот Бехруз Бучани не можеше да присуствува на церемонијата што се одржа во четвртокот, а на која се доделуваа наградите „Victorian Premier’s Literary Awards,” бидејќи е затвроеник на островот Манус поради обид во 2013 година да влезе во Австралија без виза.

Тој е еден од 600 бегалци кои живеат во камповите на островот иако Австралија го затвори својот „регионален имиграционен центар” уште во 2017 година.

За време на престојот во центарот, Бучани ја напиша својата книга, насловена „Само планините ми се пријатели: писание од затворот Манус” на својот мобилен телефон, испраќајќи му ја на својот издавач преку СМС пораки. Комитетот што ги доделува наградите ја опиша истата како сведоштво од прва рака и чин на преживување, како и повик за бунт, велејќи дека неговото дело не се опишува со зборови.

Бучани го опиша своето заробеништво како заложништво санкционирано од владата на Австралија и рече дека тие се заборавени луѓе, оставени на заборавени острови. Австралиската влада, пак, тврди дека нејзините строги миграциони политики се неопходни за да се избегне шверцот со луѓе преку вода. Со ваквата политика оние што ќе пристигнат во Австралија со брод ги испраќаат во некои од островските „центри за процесирање” и им се забранува да се населуваат на континентот.

Останати вести