Грција ќе гради бегалски мегакамп на границата со Македонија?

Над 90 полициски службеници од 6 држави се на македонската јужна граница преку која влегува бегалскиот бран, потврдуваат од МВР. Полицајци од Србија, Хрватска, Унгарија, Чешка, Словачка и Словенија веќе се во Гевгелија и заедно со македонските колеги вршат засилен надзор на границата, а од МВР очекуваат многу скоро и Австрија да прати свои полициски службеници.

Неколку европски земји веќе испратија свои полицајци во Македонија да им помагаат на македонските полицајци и војници при контролата на границата од бегалците. АРМ доби и опрема за набљудување на границата за спречување на илегалните влезови на сè поголемиот број мигранти од Грција, преку Македонија, на патот кон ЕУ. 

Истовремено силите на Фронтекс во Грција прават процена за тоа што сè ќе ѝ биде потребно на Грција за спроведувањето на бараната категоризација, филтрирање на мигрантите во две групи – политички и економски. Планот е тука, кај Сехово (Идомени), на само два километри од границата со Македонија, да се изгради мегакамп, целосно опремен центар за дистрибуција на бегалците кон ЕУ и депортација на мигрантите во земјите од каде што дошле. За тоа ЕУ е подготвена да издвои милијарди евра.

На ЕУ и треба стабилна македонска Влада
За да може оваа мерка да се реализира потребна е зајакната контрола на надворешните граници на ЕУ, а тоа значи и контрола на македонската граница со Грција. А тоа пак значи дека на ЕУ во моментов ѝ е потребна политички стабилна Македонија со стабилни државни институции.
Не случајно еврокомесарот Јоханес Хан при неговата последна посета на Македонија побара стабилност за да може земјата да им одговори на предизвиците кои стојат пред Македонија и пред ЕУ со бегалската криза. Односно, она што во овој период не успеа да го направи ЕУ со бегалците, сега со затворањето на европските граници, ќе треба да го прави Турција, Грција и Македонија.
Пред неколку дена и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, предупреди дека на ЕУ ѝ остануваат само уште два месеци да ја реши бегалската криза. Во спротивно, Шенген-зоната ќе исчезне, согласни се сите европски експерти.
И последните статистики за бројот на бегалци кои влегуваат во ЕУ не се охрабрувачки – 2,000 дневно. Туск ги повикаа земјите членки на ЕУ да ги остваруваат договорите во целост.
Први март се поставува како денот кога треба сè да се реши. Европскиот совет ќе заседава на 18 и 19 февруари. До тогаш ќе се прави процената за придобивките од засилените гранични контроли и проверка на планираните сценарија за затворање на границите. Тука најнапредни се Австрија и Словенија кои ги кренаа критериумите за филтрирање на бегалците и мигрантите (проверка на јазик, проверка на фалсификувани документи низ транзитните држави, барање за внесување на нови податоци во документите уште во Грција…).

Селекција – семејства може, жени и деца може, ама сами мажи не може
Во Европската Унија се разгледува и предлогот при селектирањето на бегалците предност да имаат семејствата, жени и деца и деца без родители, а мажите од Сирија, Ирак и Авганистан кои не патуваат со своите семејства да се враќаат назад. Се предлага воведување на извесна категоризација на мигрантите.
Планот предвидува поставување на единствен контролен граничен пункт за регистрација и проверка на мигрантите вдолж Балканскиот коридор, во Спиелфилд (Австрија, на границата со Шентиљ, Словенија).
Досегашните мерки на Австрија, Словенија и Хрватска се во насока на реализирање на тој план и воспоставување на единствен премин за мигрантите на границата со Словенија и прекин на сите други рути што минуваат низ Австрија. За таа цел се оградува границата со Словенија, се намалува влезот на мигрантите од Словенија во Австрија од 11,000 на 3,500 мигранти дневно. По барање на Австрија, Словенија и Хрватска се ограничува пренесувањето на бегалците на 4 возови со по 940 мигранти, мигрантски патнички регистрациони листи, изјава за крајна дестинација, проверка на јазикот и зајакнување на заштитата на границите со распоредување на армиски единици. Австрија тука, на Спиелфилд веќе испрати 500 војници што ќе спроведуваат построга проверка на документите и багажот на бегалците и мигрантите.
Како резултат на ова, и Србија и Македонија ќе треба да воведат нови процедури за бегалците на балканската маршрута.
Веќе сега секој бегалец во Гевгелија треба да ја наведе државата во која тој сака да побара азил. Ако каже дека крајна држава е Австрија или Германија, патувањето ќе му биде дозволено. Ако бегалците напишат дека сакаат во некоја друга држава, тие ќе бидат вратени во Грција.

Kaко ќе реагира Македонија?
Ова значи дека Македонија станува прва одбранбена линија за бегалците. Официјалниот став на Македонија останува дека е транзитна земја, дека тука може да има само прифатни кампови во кои бегалците ќе се подготват за транзит. Македонија и натаму ги одбива сите понуди од Брисел за изградба на камп за бегалци или пак дури и нивен престој по хотелите низ земјата, за што Европа би била подготвена да плати од 25 до 100 евра по бегалец.
Процената на Македонија е дека годинава ќе мора да се ограничи протекот на бегалци по 1,000 дневно, колку што е „пропусната моќ” на граничните премини од Табановце, па сè до Австрија.

(според порталот МКД.мк)

Останати вести