Спасов: “Сега треба некој да биде сменет за да не биде сменет оној што има најголема доверба – премиерот”;
Диневски: “Со бегството на Груевски се поништуваат придобивките од Шарената револуција која придонесе за смена на власта со паролата – Нема правда, нема мир!”
Актуелната тема за бегството на експремиерот Никола Груевски низ призмата на Ѓорѓи Спасов, како поранешен амбасадор на Република Македонија и Александар Диневски, поранешен припадник на УБК, кои беа гости во “Отвореното студио” на 1ТВ.
– Морам да кажам дека бегството на Груевски го доживеав доста драматично исто како, ако може да повлечам паралела, со атентатот на Глигоров во 1995 година. Македонија беше определена да влезе во НАТО и ЕУ и по состанокот со Милошевиќ се случи атентатот, рече Спасов.
– Се поставува прашањето кој сега имаше интерес на глобалната политичка сцена од спектакуларното бегство на експремиерот, бидејќи не можел да го организира сам. Оттаму постојат две можни сценарија за таквото бегство. Едното е некој што му помогнал сака да ни порача дека сегашната власт е неспособна, а со тоа да докаже дека оваа структура не е спремна за влез во ЕУ И НАТО. Оние кои му помогнале можно е да имале нарачали од центри кои планираат поголема игра во Македонија. Втората е дека сепак можеби на Груевски свесно му е дозволено да пребега со цел да побегне таму каде што ги сместил парите, односно целата мрежа на поддржувачи, смета Спасов.
– Очигледно е дека се работи за шокантен и драматичен настан. Во македонскиот случај поради две причини, прво затоа што избега Груевски и второ затоа што македонската држава тоа го дозволи. Груевски не е обичен криминалец туку симбол на злото, кој за време на неговото 11 годишно владеење постави дикаторски режим чии последици се уште ги чувствуваме. Самиот чин на бегство е класичен пример на конзуларни операции. Операција која е комплексна и има за цел да создаде одредена ситуација во одредена земја, инсталирање или пад на одреден режим конфликт или друга цел. Овие операции се добро организирани и задолжително има учество на конзуларни претставници, каде што нема грешка и имаат краткорочни и долгоорочни цели. Постои цврста спрега помеѓу унгарските и македонските разузнавачи, рече Александар Диневски.