Целиот персонал на Амбасадата на Србија во Скопје минатиот викенд бил повлечен на консултации во Белград.
Министерството за надворешни работи на Македонија информираше дека добило нота со ваква содржина, но во документот не биле наведени причините за повлекувањето на српските дипломати. Од МНР додадоа дека се обидуваат во комуникација со српските власти да ги дознаат причините за ваквиот чекор.
Според Виенската конвенција, Македонија има обврска да ги обезбеди безбедноста и интегритетот на Амбасадата на Србија во Скопје. Пред амбасадата на Србија во Скопје сега има, покрај редовното полициско обезбедување и додатни екипи на единицата „алфи”. Тие известуваат дека во зградата нема никаво движење и е мирно.
За тоа што така наеднаш се случи проговорија првите луѓе на северниот сосед, но во завиткана форма. Првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека Белград “ќе ги преземе сите мерки да ги заштити српските интереси во Македонија и истовремено ќе ги преиспита способностите и капацитетите за извршување на работите на Амбасадата во Скопје во актуелните услови”!?
– Деновиве дел од персоналот на Амбасадата ќе биде вратен во Скопје, но амбасадорот ќе се врати подоцна кога ќе ги завршиме сите консултации што треба да ги направивме овде во Белград, кажа Дачиќ во изјава за “Танјуг”.
Според него, вработените во Амбасадата на Србија во Македонија се повелечени бидејќи „недвосмислено со јасни докази е утврдено засилено офанзивно дејствување кон Република Србија” во кое, како што вели, е присутен и странски фактор.
– Ќе преземеме мерки за да се подготвиме за работа во едно такво опкружување, рече Дачиќ, нагласувајќи оти Србија сака добри односи со Македонија. Посочи дека на оваа тема разговарале со претседателот Вучиќ и со српската премиерка Ана Брнабиќ.
– Ние недвосмислено сакаме добри односи со Македонија. Сакаме да градиме добри односи затоа што сме соседи, затоа што имаме многу заеднички интереси и затоа што сме два блиски народа. Но, наша обврска е да ги заштитиме нашите интереси и во согласност со тоа ќе ги применуваме основните дипломатски принципи во меѓународните односи, односно принципот на реципроцитет во сите области, изјави Дачиќ
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потврди дека причина за повлекување на персоналот од Амбасадата од Скопје е што од надлежните разузнавачки органи добиле „доволно докази за многу офанзивно делување против органите и институциите на Србија”.
– Наша обврска е нашите луѓе да бидат подготвени. Ќе има некои промени во персоналот и да го заштитиме нашето пријателство со Македонците, а и како да се однесуваме во новото окружување. Има многу шпекулации и мислам дека во следните 10 дена се ќе биде јасно, изјави Вучиќ.
Тој пред новинарите изјави дека Србија ќе продолжи да развива пријателски односи.
Претходно и Владата на РМ соопшти дека „Република Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји. Кога постојат отворени сензитивни прашања помеѓу два наши соседа, Владата на Република Македонија секогаш ги следи интересите на државата базирани врз принципите на добрососедство и унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во споровите меѓу државите, се вели во соопштението Владата на РМ, по одлуката на Белград да го повлече персоналот од Амбасадата во Скопје, по испратена нота, без за тоа да се наведат причините.
Во однос на гласањето за членство на Косово во УНЕСКО, Владата на РМ ќе ги има во предвид позициите на мнозинството земји членки на Европската Унија, се додава во соопштението.