Што се случи со „експертите” и големите ентузијасти за заклучување на популацијата што велеа дека Нов Јужен Велс се насочува кон катастрофа затоа што премиерката Гледис Береџиклијан одби да спроведе строги ограничувања во стилот на Викторија и не нареди сите да носат маска?
Оние што врескаа најгласно за драконски мерки што ја уништуваат економијата се чудно тивки сега кога Нов Јужен Велс повторно успешно го потисна напливот на инфекции без да ги подложи своите граѓани на драконски блокада.
Кој може да ги заборави предвидувањата дека „Сиднеј се соочува со неконтролирано-ширење на коронавирусот и катастрофа”. Дека до почетокот на јануари 2021 Нов Јужен Велс ќе се соочи со илјадници случаи во заедницата? Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан, по втор пат му покажува на остатокот од земјата како треба да се имплементира стратегијата за ковид-19.
Експертот Норман Свон на ABC телевизија, каде е на државен платен список скоро 40 години, беше меѓу оние што го осудија пристапот во Нов Јужен Велс: „Многу е фрустрирачки да се гледа дека лекциите од Викторија не ги научи НЈВ. Половичните мерки не успеваат. Дејствувајте брзо”, изјави тој, додавајќи: „Инкременталниот пристап во Сиднеј нема да функционира”.
Но Береџиклијан докажа уште еднаш дека сепак функционира во текот на оваа пандемија. А за тоа време премиерите на Викторија, ЗА, Квинсленд, ЈА, КТ и Тасманија се мочаа во кревет уплашено скокајќи од еден или два случаи, притоа затворајќи ги границите, плашејќи ги граѓаните и предизвикувајќи хаос во животот на луѓето. Гледис Береџиклијан покажа дека постои подобар начин кој е без паника и не ги уништува животите. Сите други премиери испаднаа обични популисти и недостојни на својата позиција бирајќи го секогаш најлесниот пат за затворање на економијата и воведување карантин, додека Сиднеј ја врши најтешката работа за нацијата без да ја затвора својата економија, прифаќајќи далеку најголем број на повратници од странство. Месечно преку 50 проценти од оние Австралијанци што со тешкотии едвај успеваат да се вратат од местата каде се заглавени по светот, тоа можат да го направат благодарејќи на аеродромот во Сиднеј што прифаќа по 3.000 луѓе… останатите држави сите заедно немаат толку места.
Береџиклијан навистина постави златни стандарди во управувањето со здравствената криза и истовремено за заштита на егзистенцијата и слободите на луѓето. Во петокот Нов Јужен Велс повторно ги укина задолжителните правила за маски за малопродажните бизниси, вклучително и во супермаркетите. Тоа е по само 12 последователни дена со нула пренесување на коронавирусот во заедницата. Ублажувањето на ограничувањата Нов Јужен Велс повторно му одржа лекција на остатокот од Австралија како да ја чуваш популацијата безбедна без при тоа да ја уништиш економијата. „Со нетрпение очекуваме да ја започнеме и учебната година во позитивно светло. Со ублажување на овие ограничувања, осигурувајќи дека сме безбедни, но исто така користејќи ги лекциите од минатата година, додека се справуваме со пандемија”, кажа деновиве Береџиклијан.
Ова е спротивно на тоа како со паника премиерот Даниел Ендрус се однесува. Викторија е држава со најлош одговор на ковид-19 во Австралија, недоследност, пропусти и стапка на смртност по глава на жител што е повеќе од 32 пати повеќе од националниот просек. Викторија има 820 починати, а остаток од Австралија само 89. Зошто дури и по цел месец со нула трансмисија во заедницата премиерот Ендрус не се чувствува сигурен да го укине задолжителното носење на маска низ Викторија. И се уште среде лето мора со маска да се оди во продавници, трговски центри, супермаркети и други големи малопродажни места. Зошто? Каков медицински совет добива тој и зошто е во спротивност со моделот на Нов Јужен Велс? Се чини дека владата на Викторија, откако ја предизвика најголемата катастрофа во историјата на Австралија, верува дека единствениот начин за сузбивање на вирусот е да се одржува со драконски ограничувања, без оглед на тоа што Нов Јужен Велс покажа дека можете да постигнете нула пренесување во заедницата со пропорционално насочен одговор.
Во последниот раст на инфекции за Божик, назначен како „втор бран”, Нов Јужен Велс не се паничеше и не ја затвори својата економија, не воведе ограничувања на државните институции или ги обвини своите граѓани за непромислено однесување. Наместо тоа тие се потпреа на тимот за следење контакти и повторно го сузбија вирусот. И тоа само со воведување ограничувања наметнати на афектираните географски области во градот. Додека владееше хистеријата кај другите премиери кои бараат далеку „поостра” акција и воведоа затворање на границите.
Со исклучок на Береџиклијан, премиерите лабуристи и либерали покажаа вознемирувачка подготвеност да играат политика за време на оваа пандемија. Крајно време е прајминистерот Скот Морисон да побара државните граници повеќе да не смее да бидат затворени според каприцот на премиерите. Сега на премиерката Палашчук и текна дека во Квинсленд многумина живеат од туризам, и се буди со реалноста дека подршката од федералната влада завршува во март, а цела сезона ја држеше затворена границата и не им дозволи на бизнисите да функционираат како што треба. Во текот на целата оваа пандемија само Береџиклиан е свесна дека лекот е полош од болеста. Таа научи од своите први грешки со прекуокеанските бродови и постави стандард за одржување на безбедност на жителите додека во исто време ги штити нивните слободи, вклучително и правото да се заработи за живеење. За примената на оваа разумна стратегија Береџиклијан беше постојано напаѓана од бранителите на ликот и делото на “големиот лидер” Даниел Ендрус. Се разбира, најжестоките поддржувачи на заклучувањата на популацијата и економијата се оние кои воопшто не се афектирани; лесно е за нив да се заложат за вакви мерки кога нивното работно место или бизнис не се уништува со тоа.