На саботните избори во НЈВ повторно беше избрана Либерал–националната влада предводена од Гладис Береџиклијан, со што стана прва жена премиер избрана на избори во таа држава. Ова е исто така историски трет мандат по ред на коалиционата влада и означи спектакуларен пораз на Лабуристите кои до последниот миг во анкетите имаа шанса да победат.
Лидерот на опозицијата Мичел Дели својот пораз го призна уште во 21:30 часот бидејќи беше очигледно дека нема да освои ниту едно пратеничко место што го имаше предходното либерално владејачко мнозинство. Сепак се очекува дека ќе има можност три места да бидат освоени од Националната партија, но тоа нема да го афектира распоредот во парламентот и мнозинството на Владата на Береџиклијан.
Во новиот парлемент ќе има најверојатно три пратеници од партијата на “Shooters, Fishers and Farmers”, кои на овие избори го зголемија својот број од претходно само еден пратеник.
Премиерката Береџиклијан, која стана премиер во 2017 година преземајќи го местото на Мајк Баирд, е практично втора жена премиер на НЈВ, но е прва што победила на избори.
На овие избори Марк Лејтам, еден од најконтроверзните политичари после, 14 години се враќа во политиката. Тој сега како сентаор во горниот дом ќе ја претставува “One Nation” партијата на Полин Хенсон. Лејтам се сеќаваме беше лидер на федералната лабуристичка опозиција и е познат по своите екстремни ставови и непредвидливост која се граничи со апсурдност.
За македонската заедница е особено добра веста за враќањето на Владата на Береџиклијан, која како што објавивме екслузивно минатата седмица вети во својата програма дека ќе издвои $250,000. Овие средства се наменети за основање на Македонски Културен Фестивал и основање на едукативни програми за надградба и едукација на младите генерации на македонската заедница.
Администратор за распределбата на средствата ќе биде Австралиско Македонскиот Совет за Нов Јужен Велс. Фондот е планиран да биде распределен во текот на четири години.
