Првиот човек на Формула 1, Берни Еклстоун, призна дека новиот систем на квалификации ќе се воведе на Шпанското ГП во Барселона, бидејќи софтверот за мерење на времето сѐ уште не е подготвен.
По важните состаноци на Стратешката група и Комисијата на Формула 1, кои дискутираа за иднината на овој спорт, ФИА објави дека сака да воведе нов систем на квалификации и тоа на почетокот од новата сезона.
Сепак, во интервју за The Independent, Еклстоун објаснува дека е потребно повеќе време за подготовка на софтверот како и истиот да се осигура дека правилно ќе работи, а дотогаш во Ф1 ќе се користи сегашниот систем на квалификации.
„Новите квалификации сеуште нема да се одржуваат, бидејќи не може се на време да се подготви. Требаше да започне веднаш на почетокот од сезоната, но тоа не е можно поради тоа што софтверот не е подготвен. Новите квалификации најверојатно ќе почнат во Шпанија. Во Австралија ќе се користи постоечкиот формат на квалификации. Софтверот мора да биде направен, но тоа не е многу лесно”, изјави Еклстоун.
Новиот формат на квалификации не наиде на одобрување кај тимовите и возачите кои сметаат дека постоечкиот формат не треба да се менува. Еклстоун исто така, неодамна изјави дека има и многу порадикални планови за „зачинување” на овој спорт.
„На крајот, ова не е она што јас го сакав. Тоа што јас го сакав е да се измеша гридот. Возачот кој бил најбрз во квалификациите не би бил на првата стартна позиција. Зошто би бил спор во трка, ако бил брз во квалификациите? Сакав многу едноставна работа. Квалификациите да останат какви што се, бидејќи се добри. Ако возачот е на пол-позицијата и ако победил во последната трка, би му додале неколку секунди на неговото време, па ќе мора да се пробива до лидерската позиција, што секако и би го правел”, додава Еклстоун.
Кои се новините во квалификациите
Според најновиот формат, квалификациите сè уште ќе траат 60 минути, но на секои 15 минути ќе има испаѓање. Квалификациската рунда ќе биде поделена во три дела, а возачите ќе мора да останат на патеката сè додека не бидат елиминирани. Конкретните детали од тоа како всушност ќе изгледаат квалификациите сеуште не се познати, но основниот концепт е договорен. Првиот дел на квалификациите ќе трае 16 минути, а по 7-та минута најбавниот возач ќе биде елиминиран и ќе треба да ја напушти патеката односно нема право повеќе да се бори за повисок пласман на стартот на трката. Потоа, на секои 90 секунди ќе се елиминира уште еден возач сè додека не останат 15 на патеката. Вториот дел од квалификациите ќе трае една минута помалку, а во 6-тата минута ќе започне елиминирањето на возачи сè додека на патеката не останат најбрзите осум пилоти. Во последниот квалификациски дел осум возачи ќе имаат 14 минути да остварат што повисок пласман, а по петтата минута ќе започнат елиминациите. Последните 90 секунди од квалификациската рунда се резервирани за двајцата најбрзи возачи за да се борат за пол-позицијата.