На Билазора досега пронајдени над 1,000 артефакти

Археолошкиот локалитет Билазора, кој се наоѓа кај село Кнежје (Светиниколско) го посети министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска на која и беа презентирани резултатите од годинешните истражувања.

Раководителот на истражувањата, проф. д-р Драги Митревски од Филозофскиот факултет, ја запознал министерката дека годинава археолозите ја доистражиле владетелската палата од 4 век пр.н.е. која се наоѓа на највисокиот дел од населбата. Според проф. Митревски, истражени се 70 проценти од целата палата, а остатокот ќе се ископува во наредниот период.
– Оваа палата е многу слична на оние во Ајга, Вергина, во старата престолнина на античка Македонија. Во текот на досегашните истражувања, пронајдени се и објекти за јавна употреба, трпезарија, влезна дворана, култен простор, а на преостанатиот неистражен дел се очекува да се откријат станбени простории. Она што е особено значајно е тоа што ѕидовите на владетелската палата се украсени со фреско-декорација, а од движните наоди досега се пронајдени над 1,000 артефакти – луксузни керамички садови и накит, парчиња од алат, стрели и монети, рече меѓу другото проф. Митревски.
На локалитетот Билазора се работи повеќе од триесет години, но сеопфатни систематски истражувања се прават изминативе години и тие се концентрирани на откривање на просторот на акрополата на локалитетот.
Во изминатиот период делот кој се истражува на Билазора е комплетно заграден со заштитна мрежа, поставена е влезна порта за да се спречи влегување на возила, а се поставени и инфо-табли за посетителите. На дел од владетелската палата е поставена покривна конструкција од времен карактер за да се спречи оштетувањето на локалитетот од атмосферски влијанија.

Странски студенти ќе плаќаат за да учествуваат во истражувањата на Билазора

В година ќе се интензивираат археолошките истражувања на локалитетот Билазора, кој е единствен од ваков вид во средна Европа, и целосно ќе биде истражена владетелската палата, на која археолозите годинава интензивно работеа. Од следната година на локалитетот ќе работат и странски студенти по археологија.
Археолошкиот локалитет Билазора е еден од најзначајните раноантички локалитети во Македонија и единствен од ваков вид во средна Европа. Билазора била населена од 7 до 2 век пред нашата ера, што значи дека околу 500 години била центар на цивилизацијата на Пајонците.
Во соработка со Kатедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, веќе две години се спроведува и практична настава за студенти-археолози на скопскиот универзитет. Од в година оваа активност треба да се развие и интернационално, со што младите археолози од странство ќе учествуваат во истражувањата, одблиску ќе се запознаат со македонската историја и култура, а за тоа ќе плаќаат одредена сума пари, кои подоцна ќе бидат искористени за понатамошно истражување и унапредување на локалитетот.

Останати вести