Биографија на новиот претседател Стево Пендаровски

Петтиот шеф на државата Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во скопско Пајко Маало, растен во Чаир и Бутел 2, а до стапувањето на функцијатa е жител на Автокоманда. Оженет е за професорката на Стоматолошкиот факултет Елизабета Георгиевска и татко на седумнаесетгодишниот Огнен – и двајцата познати во јавноста од придружувањата во кампањата.

Стево Пендаровски завршил основно образование во „Кирил и Методиј”, а гимназијалските денови ги поминал во „Цветан Димов”. Дипломирал на Правниот факултет во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.
Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ” – Скопје, каде што ги предавал предметите: Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.
Во периодот 1998-2001 година бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.
Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија (кај Борис Трајковски и кај Бранко Црвенковски).
Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија.
Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија (Бранко Црвенковски).
Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.
Од ноември 2017 година Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО.
Пендаровски беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година, кога загуби од Ѓорге Иванов.
Во неговиот втор обид за таа функција, на 5 мај 2019 ја победи противкандидатката Гордана Силјановска Давкова.

Останати вести