Неофицијално се дознава дека најголемата опозициска партија планира да им понуди дури шест “сигурни” пратенички места на активисти од „Шарената револуција”.
Ова ја вжешти атмосферата во опозицискиот табор, па веќе се слушнаа и остри негодувања на досегашните коалициски партнери на СДСМ. Тие се плашат дека токму на сметка на нивните кандидати на ќе биде вклучувањето на “шарените”. Тито Петковски, лидерот на НСДП, отворено му порача на Зоран Заев “ако сака да биде великодушен, тогаш нека отстапи од кандидатските места на СДСМ” а не да ветува и да договара вклучување на лица надвор од актуелната коалиција. На социјалните мрежи има остри препукувања дури и меѓу самите членови на “Шарената револуција” околу тоа кој сака да биде политички профитер а кој не.
Откако и потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска рече дека „шарените” треба да бидат на изборните листи, во јавноста дури почнаа да циркулираат и конкретни имиња на личности. Дел од нив како Марјан Забрчанец од МОФ и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет ги демантираа таквите шпекулации, нагласувајќи дека немаат намера да се натпреваруваат како кандидата на овие избори, но дека ќе продолжат да дејствуваат професионално и посветено во насока на демократизација на општеството.
Идејата за надградувањето на изборините листи со истакнати граѓански активисти предизвикаа поделени оцени во јавноста. Според едни, независноста на невладиниот сектор и неговите активисти не значи дека не треба тие да имаат политички ставови, бидејќи на крајот на краиштата се дел од процесот на креирање политики. Сметаат дека граѓанскиот сектор поседува квалитетни кадри кои во одреден момент на зрелост треба да преземат целосна одговорност со тоа што директно ќе се вклучат во политиката од каде што посериозно ќе може да дејствуваат врз случувањата во општеството. Други, пак, тврдат дека граѓанските активисти мора да останат неизвалкани од политичките трговии за да може да бидат и натаму коректор на власта и свест на нацијата.
Од СДСМ засега се резервирани по ова прашање. Неофицијално велат дека допрва ќе следат анализи околу тоа каква да биде структурата на пратеничките листи. Идејата е на листите да бидат личности кои може најсилно да повлечат во борбата против власта, но како што нагласуваат, без притоа да биде исклучен мерит-системот. Односно, како што додаваат, ќе се внимава на тоа и граѓанските активисти, кои евентуално би биле кандидати за пратеници, да бидат успешни во своите области.