Годинава уште 104 објекти во Старата битолска чаршија ќе добијат лична карта. Досие од историско-урбан и архитектонски аспект за нив ќе биде изработено во рамки на проектот за инвентаризација на чаршијата.
Преку досието ќе се соберат неопходните податоци за старите градби и дуќани од кои дел датираат дури и од 17 век. Ваквите податоци се неопходни за да се изврши категоризација на објектите, односно да се утврди нивниот режим на заштита, а ќе послужат и за идна реставрација.
„Ќе се изработи досие, или лична карта за секој објект одделно. Во нив ќе има датација на објектот, утврдување на сопственоста, катноста, евентуални конструктивни промени, типови на градба, степен на сочуваност. Некои од дуќаните се стари повеќе од 150 години, а некои датираат од 16 и 17 век. Објектите стари по четири века се поретки, но ги има неколку. Преовладуваат објектите од крајот на 19 и почетокот на 20 век, зашто Битола била разорена со војните, а имавме и претходно три големи пожари во 19 век”, вели Зоран Алтипармаковски, директор на битолскиот Завод и музеј.
Добар дел од старите објекти се надградувани, односно во себе содржат остатоци од градби од пред неколку века. Досега никогаш старото чаршиско јадро не било реставрирано, освен одделни објекти. Низ годините дел од старите градби го изменија и нивниот лик, преку надградби, доградби, промена на фасадата, а пред се на кепенците со модерни заштитни врати и решеткасти огради.
„Со проектот ќе ги добиеме потребните знаења не само за квалитетот на градбите, туку и за актуелната состојба во која се наоѓаат. Во инвентаризацијата треба да се добијат податоци од кога датира градбата и како ќе се интегрира во постојните урбанистички документи. Со ова, точно ќе ја детектираме состојбата дали во иднина се потребни евентуални градежни потфати и до која мера, со цел да се зачува автентичниот изглед на објектот”, вели Марилис Ортис, директорка на Француската асоцијација на градови со културно наследство со седиште во Бордо.
Проектот за инвентаризација се спроведува во соработка на министерствата за култура на Македонија и Франција. Ќе се изведува во три фази.
„Во првата фаза беа 101 објект во чаршијата и за нив се направи комплетна инвентаризација, а оваа година ние одбравме уште 104 објекти. Во третата фаза ќе следува инвентаризација на уште стотина, или вкупно околу 300 објекти. Ќе се движиме блок по блок. Наша интенција е соработката да трае шест години и да се заокружи целата чаршија”, вели Алтипармаковски.
Инаку, битолската чаршија пред повеќе од еден век броела над 900 дуќани и 30-ина пазари. Тоа биле: Житни пазар, Пекмез пазар, Овчи пазар, Маст пазар и други, а од занаетите имало ѕвончари, шапкари, локумџии, сарафи, папуџии, јорганџии, ковачи и друго. Денес занаетите замреа, неодамна чаршијата ја напушти и последниот ѕвончар. Битолчани велат дека штом изумреа старите занаети, да се преземат мерки да не се збришат чаршиските дуќанчиња од лицето на градот, барем како декор кој ќе потсетува на животот на старата градска Битола.
(“Утрински весник”)