На четири различни локации во Музејот на Санта Барбара во Калифорнија, САД, минатата седмица беа одиграни четирите кратки претстави инспирирани од Сонетите на Шекспир кои премиерно беа изведени летово на 4. Интернационален „Битола Шекспир фестивал”. Во нив се вклучени уметници од Народниот театар – Битола и од компанијата „Лит Мун” од Санта Барбара.
Проектот е резултат на долгогодишната соработка помеѓу двете театарски институции и е дел од петдневниот фестивал што се случуваше во Санта Барбара, на кој во неделата Битолскиот театар ја одигра и претставата „Антониј и Клеопатра”, во режија на Џон Блондел.
– Со особен успех и со многубројна публика заинтересирана за македонската театарска уметност почна гостувањето на Народниот театар-Битола во Санта Барбара. Поради големиот интерес, претставите во периодот од 17 до 20 часот беа играни по три пати, со што многубројната публика можеше да ги проследи редоследно по сопствен избор и да ја комплетира сликата на целокупниот перформанс кој го слави делото на Шекспир… Уште еднаш македонскиот јазик и култура се претставени во друштво на познавачи на театарот и делото на Шекспир за што пишува и познатиот шекспиролог од Канада, Рандал Мартин. Неделниот весник „Индепендент”, исто така, ударно на цела страница го најави настанот објаснувајќи ги мотивите и потребата од ваков фестивал во времето во кое живееме, соопшти Министерството за култура.
Уметниците од Битола, пак, можеа да проследат две претстави од своите американски колеги и видеоинсталација која опфаќа 37 филмови инспирирани од делото на Шекспир кои театарот „Глоуб” ги сними на автентични локации низ светот. Целокупната прошетка низ инсталацијата специјално преземена од Лондон трае шест часа, а на еден од екраните се прикажуваат и видеосегменти од претставата „Хенри Шести” (трет дел) која премиерно беше изведена токму на сцената на легендарниот театар на Шекспир „Глоуб” во Лондон.
– Ова е второ гостување на Народниот театар-Битола во Санта Барбара, во рамки на плодната соработка што ја воспоставија во подготовката на Шекспировите дела со театарот „Лит Мун”. Годинава, Народниот театар со поддршка од Министерството за култура реализираше четири гостувања: во Русија, Бугарија, Израел и последната промоција на македонската култура во САД, се наведува во соопштението на Министрството за култура.
