Благодарение на Израел осуетен терористички напад во Австралија

Израелските безбедносни служби помогнале во спречување терористички напад лани во Австралија. Џихадисти планирале да разнесат патнички авион, но во јули 2017 година биле уапсени во операција на австралиската полиција.

Полицијата поднела обвинение против двајца браќа, кои сакале да постават експлозив во авион на компанијата „Етихад ервејс”, кој патувал од Сиднеј за Абу Даби.
Во говорот во Ерусалим, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги пофали домашните разузнавачки служби за тоа што спречиле „незамисливо крвопролевање”. Според властите, терористичкиот заговор бил поврзан со џихадистичката група Исламска држава.
Австралиската полиција лани соопшти дека импровизираната експлозивна направа била скриена во машина за мелење месо, која требало да биде однесена во авионот, но не успеала да ги помине безбедносните проверки откако планот бил откажан од непознати причини. Според полицијата, браќата Калид Хајат (49) и Махмуд Хајат (32) биле уапсени под обвинение за подготвување и планирање терористички напад. Станува збор за лица со либанско потекло.
Би-би-си пренесува дека по дојава од израелската разузнавачка агенција „Единица 8.200″, австралиската полиција ги уапсила браќата.
– Авионот на „Етихад ервејс” речиси сигурно ќе беше разнесен во воздух, што ќе резултираше со стотици жртви, затоа сме многу благодарни за помошта што Израел ја обезбеди за оваа работа – изјави Питер Дутон, австралискиот министер за внатрешни работи.
Според Би-би-си, Либан исто така ѝ пренел информации на Австралија за терористичкиот заговор.

Останати вести