Минатиов викенд во манасторот Св. Прохор Пчински во Донибрук беше одржан семинар на Македонска Православна Младина на Австралија (MOYA).
Темата за благодатта Божја е суштинска тема во (или поточно за) животот. Со благослов на Неговото Високо Преосвештенство г. Петар, овој, деветти по ред, Младински семинар, е насловен како: Благодатта Божја – центар на човековиот живот.
Не само христијански, и не само православен, туку сеопфатно, на човечкиот живот. Сите ние сме создадени од Бога и сите ние имаме едно предзначение да се соединиме со Бог, односно да се обожиме, а тоа се остварува само преку стекнувањето на благодатта Божја.
Предавачи и нивните теми:
– г. Петар, Благодатта Божја – цел на животот
– о. Гаврил, За Божјата благодат – како да ја стекнеме и зачуваме
– о. Никодим, Смирението и послушноста – двери низ кои продира Божјата благодат
Семинарот започна со светата Литургија на која началствуваше Неговото Високопреосвештенство г. Петар заедно со игумените Гаврил и Никодим, о. Глигор Киселинов и ѓакон Лазар Лазаровски.


