Интервју со популарниот македонски пеач Благоја Груевски, претседател на Здружението на македонските естрадни уметници
Вие сте омилен македонски пејач во Австралија. Колку години поминаа од вашето претходно гостување?
Како е замислена оваа ваша турнеја?
Драго ми е што се уште добро котирам во дијаспората, особено во Австралија каде што сум веќе 9ти пат. Поминаа две и пол години од моето последно гостување по покана од охридското друштво Св. Наум Охридски во 2014, сега сум овде на кратко, специјално за новогодишната ноќ на покана од Шелдон рисепш’н. Потоа заминувам за Канада каде што имам настап по повод православната Нова година.
Важите за сестран естраден уметник. Кога и како ги совладавте вештините за свирење на повеќе инструменти?
Имам слушано и изведувано секаква музика. Тоа ми помогна доста во формирањето на мојот музички израз по кој сега ме распознаваат. Свирев неколку инструменти ,(виолина, саксофон и др)но немав амбиција да бидам врвен инструменталист. И не станав. Но и тоа ми помогна во мојата ориентација. Изборот на народната песна за моја професионална определба не беше случаен. Тука најдобро се изразувам и на некој начин се пронаоѓам музички.
Во Македонија не може да се живее од естрадата. Ќе им откриете ли на нашите читатели која е вашата професија?
Од естрада може да се живее, можеби не како во некои поголеми земји, но сепак може и покрај неповолните услови. Јас долго се борев со две професии што ми одзеде многу време и енергија. Бев професионален новинар во Македонско Радио во Скопје и напоредно се занимавав со музика. Тоа беше многу тешко и неблагодарно. Во 2004. ставив крај на тоа двојство и избрав да бидам 100% професионален естраден уметник. Човек може да има 10 различни бизниси, но само една професија.
На кои фестивали земате учество, какво е вашето мислење за жири комисиите што ги делат наградите?
Сум настапил на доста фестивали со различен успех. Главно на Цветници и Валандово, Охрид Фест и Роса фест. Имам добивано награди, но се случило и да не влезам во финале
Мое мислење е дека е потребно да се воведе повеќе транспарентност во изборот на наградените. Отворен телевоутинг и истовремено поединечно јавно гласање на жирито. Тоа е толку лесно да се направи. Така драстично ќе се намали можноста за манипулации и сомневања. Музиката е многу субјективна категорија. А последниве години наградите се поголеми суми на пари. Затоа има сомневања кога телевоутингот го следи еден човек затворен во соба, а жирито по фестивалот оди во посебна просторија да се договара. Тоа е нонсенс. Фестивалите со тоа сами си пукаат во нога.
Рејтингот е никаков.
Што треба да се преземе за да се унапреди македонската естрада, да стане конкурентна на балканските, особено на српската која во Македонија се чувствува како дома?
Македонската естрада не може да биде конкурентна на големата индустрија од поголемите балкански земји. Тоа не е ништо ново ни чудно. Премногу сме слаби и неразвиени на тој план. Но со правилна политика може многу нешта да се поправат. Пред се законска регулатива за заштита на домашната култура. Во услови на опасна загрозеност на нашиот културен идентитет државата замижува пред фактот што најплатените (провладини) комерцијални телевизии, воедно и најгледани безобѕирно во прајмтајм форсираат српски шоу и други програми. Истите телевизии добиваат релативно добри суми за реклами од Владата. Така излегува дека Владата индиректно, врши србизација на етерот. Некој очигледно се уште не ја сфаќа моќта на медиумите. Предлагам стимулативни и дестимулативни мерки за медиумите кои се клучен фактор. Едноставно, оние кои афирмираат домашна култура да имаат значителни олеснувања. Има и други мерки. На пример естрадна такса која е нормална во цел свет. На пример, за моево доаѓање во Австралија организаторот прво мораше да добие “виза” од музичкиот синдикат. Тоа важи и за мене и за Мик Џегер. Така е секаде во светот. Само ние сме село без кучиња. Ние сме единствен народ во светот кој се забавува 100% со туѓа музика од соседите која си ја прифатил како своја. Јас како македонски изведувач и воедно лидер на нашата незаштитена и загрозена бранша сум радикално против овој процес и апелирам до надлежните институции нешто да преземат. Ние како здружение на естрадни уметници стоиме на располагање за соработка.
Колку политичката криза влијае на културниот амбиент во Македонија?
Секако дека влијае. Не би можел да говорам за културата во целина затоа што немам доволно информации но сум добро упатен во состојбите во популарната музика во Мкд која како што кажав е на многу ниски гранки. Причините се многубројни. Една од главните е тоа што не постои јасна законска регулатива во оваа област. Државата во овие 25 години независност имаше поважни прашања за решавање и се уште ги има. Крајно време е да се донесе закон за регулирање на нашата дејност. Естрадните уметници не сакаат да бидат “трговец поединец” каде што се сега вброени. Ние сме посебен случај и сакаме тоа да се озакони. Здружението е наша матица и преку него ние треба да ги бараме своите права. За жал и во нашата бранша нема доволно свест за потребата од обединување. Затоа ни е статусот таму каде што е.
Колку при оваа ваша турнеја имате слободно време да ја запознаете Австралија? Што ви се допаѓа а што не ви се допаѓа меѓу нашите овде?
За време на поранешните гостувања имав можност да видам повеќе од оваа преубава земја. Овој пат сум на кратко и главно се одмарам и се аклиматизирам. Ако некаде би се преселил тоа сигурно би било овде.
Жал ми е што немав можност да појдам во Голд Коуст, но верувам дека наредниот пат ќе успеам. Инаку повеќепати ги посетив поголемите градови. Фасциниран сум од климата која ме преродува и од опуштениот стил на живот. Ги сакам Мелбурн и Сиднеј заради пријателите и незаборавните доживувања. Го сакам и Перт поради климата и мирот. Секако овде најмногу се дружам со нашинци кои и покрај македонскиот синдром “рогови во вреќа” сепак се сплотени кога треба, не можат еден без друг. Верувам дека во иднина многу ќе порасне свеста за обединетост. Тоа е неизбежно. Силите кои влечат назад ќе бидат обелоденети и неславно ќе заминат од сцената.
Игор Павловски

