Македонија континуирано се ограбува. За жал, тоа одамна не е вест, зашто не се случува само денес или вчера, туку со векови. Според д-р Илија Велев од Институтот за литература во Скопје, кој долги години го истражува македонското книжевно наследство низ вековите, огромен број наши скапоцени ракописни книги сега се во најрепрезентативните збирки на најугледните европски музеи, библиотеки и други културни институции.
За жал, досега не е покрената никаква иницијатива за евентуално нивно враќање во Македонија, како што направи, на пример, Србија, која успеа да врати дел од своето книжевно културно наследство однесено од земјата. Секако, благодарејќи на личните залагања на неколкумина македонски истражувачи, досега се регистрирани дел од нашите стари ракописи, заедно со земјите и институциите каде што се наоѓаат. Одреден број од нив како копии веќе ги имаме и во Македонија.
За д-р Велев, кој досега има објавено повеќе од 200 книги, студии и статии од областа на македонската книжевна историја, сепак, најбитно е да се обезбеди континуиран фонд за истражувачки проекти, преку кој ќе се овозможи комплетирање барем на фотокопии или електронски изданија на сите македонски стари ракописи расеани низ Европа. Паралелно со тоа, се разбира, би продолжила стручната обработка на сите стари ракописи или збирки на македонски ракописни книги, што е многу важно за македонската книжевна историја.
Од друга страна, ќе се комплетира досието за тоа како, кога и на кој начин од македонските манастири и скриптарници се крадени, носени, продавани и препродавани скапоцените ракописни книги со кои сега се гордеат голем број европски музеи, библиотеки и други врвни културни институции во странство.
И КОНЗУЛИТЕ ЈА ОГРАБУВАЛЕ МАКЕДОНИЈА?!
Така, во Музејот на Српската Православна Црква во Белград се чува ракописен Пентокостар од 1493 година. Овој ракопис, како што тврди д-р Ѓорѓи Поп Атанасов, еден од врвните македонски авторитети од областа на ракописното и книжевно наследство, во Србија е однесен директно од манастирот „Свети Пантелејмон” во Нерези, Скопско. Со потекло од овој наш манастир е и Празничниот минеј, кој сега е во Народната библиотека во Софија. Според она што досега е откриено и евидентирано, многу наши книги има и во Санкт-Петербургшката градска библиотека, потоа во библиотеката на Академијата на науките на Русија, во Државно-историскиот музеј во Москва, во народните библиотеки во Киев и во Одеса, потоа во Софиската народна библиотека, во библиотеката на Бугарската академија на науките и уметностите, во Народната библиотека во Пловдив, како и во Софискиот црковен музеј.
Наши исклучително вредни ракописни книги има и во Националната библиотека во Париз, во Ватиканската библиотека, во Виенската државна библиотека, во Народниот музеј во Прага, во Народната библиотека во Букурешт, во Романската патријаршија, во библиотеката на Јагелонскиот универзитет во Краков, но и во Атинската национална библиотека, како и во Британскиот музеј во Лондон и во уште десетина други институции на Балканот и во Европа, воопшто. Ова скапоцено богатство денес е гордост на оние што го имаат, но, се разбира, и обврска за Македонија да бара да и се врати она што ѝ припаѓало, и ѝ припаѓа. Впрочем, многу држави во светот си ги побараа, а дел од нив и ги добија назад културните богатства однесени од нивните земји за време на војните во минатиот век.
Престојувајќи во нашите манастири во 19-ти и 20-ти век, многумина истражувачи од оваа област, често без никаков надомест, изнесувале од Македонија цели товари стари книги, но и многу вредни икони. Така, Антон Миханович, кој бил австриски конзул во Солун, мошне често патувал низ Македонија и притоа успеал да собере исклучителни вредна ракописна колекција од нашите манастири. Тие триесет и осум наши ракописни книги, кои Миханович ги собрал служејќи се со дипломатија, но и со други средства, сега се во репрезентативната збирка од вакви ретки книги во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб. Речиси истовремено со австрискиот конзул Миханович, низ Македонија шетал и собирал стари ракописни книги и рускиот научник Виктор Григорович. Тие примероци сега се во Државната библиотека во Москва, потоа во Народната библиотека „Максим Горки” во Одеса, во библиотеката на Казанскиот универзитет, како и во Казанската духовна академија…
„НАУЧНИЦИ” – ТРГОВЦИ
Континуираните грабежи всушност никогаш не престанале. Нашите најбогати македонски манастири биле систематски ограбувани со векови, почнувајќи од најразлични авантуристи, па преку специјалните одреди и „офицери” за културно пљачкосување, до таканаречени истражувачи, но и домашни трговци и праматари, па дури и монаси кои за ситни пари продавале скапоцени книги и икони. Кон крајот на 18-ти век, токму по такви канали, многу македонски ракописи биле однесени во повеќе белградски институции.
На пример, од скопскиот манастир во селото Бањани биле однесени десеттина исклучително вредни ракописни книги. Тие ракописи денес се чуваат во Народната библиотека, во Српската академија на науките, во Музејот на СПЦ и други. Од овој манастир, на пример, потекнува ракописот „Октоих”, со 45 листа, кој датира од 15 век, а во Белград бил однесен во виорот на трагичната 1904 година.
Исто така, огромен ракописен фонд книги е однесен од Битолскиот, Прилепскиот и Демирхисарскиот регион, каде што „оперирале” повеќемина странски „истражувачи” и колекционери, како што биле Бугаринот Јордан Иванов, директорот на српската гимназија во Битола, Светозар Томиќ, српскиот владика во Битола, Јосиф Цвијовиќ и други. Со вакви активности подоцна се занимавале дури и некои офицери на српската војска за време на Првата светска војна. Исто така, постои документ дека еден „сојузнички” француски офицер зел од разурнатата црква во село Загоричани, Прилепско, едно ракописно евангелие од 16-ти век, и подоцна го предал на Националната библиотека во Париз, каде што се чува и денес. За жал, кога не може поинаку, тогаш Македонија е присутна во културна Европа барем преку украдените книги од нашите манастири! Овој пат благодарејќи на „културниот француски офицер”!
Друг ракопис однел друг офицер, овој пат руски. Ракописот е од манастирот во селото Градиште, Прилепско, каде што монахот Спиридон, во 1600 година, напишал обемен и многу вреден Минеј. Таа скапоцена книга денес се чува во Московската државна библиотека, во збирката на Севатјанов.
Грабежот на македонските манастири продолжил и во 19-ти век. Така, од манастирот во селото Орбеле, Дебарско, во 1873 година бил однесен таканаречениот Орбелски триод, пергаментен ракопис од 13 век.
„ПАЗАРОТ” НА ПОП АВРАМ СО СРБИНОТ ВЕРКОВИЌ
Овој исклучително значаен ракопис, снаодливиот Стефан Верковиќ во 1891 година и го продал на Публичната библиотека во Санкт Петербург, каде што е и денес. Нема податоци колку пари добил за оваа трговија со македонски стари книги! Главен „агент на теренот”, кој му помагал во работата бил извесен Павле од село Баниште, но многу ракописи за ситни пари на Верковиќ му испорачал и поп Аврам од Орбеле. Зарем и попот?! Да. И поповите тргувале со македонското културно богатство. И тоа како!
(продолжува)
Блаже МИНЕВСКИ
