Кога се зборува за тоа кои земји најдобро реагирале на пандемијата на ковид-19, најчесто се спомнуваат Тајван, Нов Зеланд и Виетнам.
На прв поглед, потезите на Обединетото Кралство околу сузбивањето на пандемијата не изгледаат импресивно – Британија има една од највисоките стапки на смртност на милион жители, се зарази и самиот премиер и беше недостапен со недели, а Англичаните не покажаа некој особен ентузијазам околу носењето маски, пишува Блумберг.
Но, најважниот фактор на глобалниот одговор на пандемијата сигурно е напредокот во биомедицинското истражување, односно во потрагата по лекови и вакцина, а тука Обединетото Кралство има неверојатно резултати и сигурно е по откритијата во таа област прво во светот по глава на жител.
Британските научници го пласираа првиот лек за кој е докажано дека ја намалува смртноста кај пациентите заразени со ковид-19. Станува збор за финансиски достапниот стероид познат како дексаметазон.
Утврдено е дека мали дози од овој кортикостероид можат да ја намалат смртноста за третина кај оние пациенти кои биле на респиратори. За оние заразени со коронавирусот кои примале кислород, лекот значително ја намалил смртноста за една петина.
Дексаметазонот сега низ светот се користи при лекувањето на коронавирусот, а можат да си го дозволат и сиромашните земји. Овој лек се тестираше и во Шпанија, но првиот значаен напредок го имаат британските експерти.
Водечкиот кандидат за потенцијална вакцина против ковид-19 исто така доаѓа од Британија.
Минатиот понеделник на насловните на медумите одекна веста дека научнците од Оксфорд во соработка со фармацевтската компанија Астразенека успешно ја спровеле првата и втората фаза на клиничките тестирања (тестирања на луѓе) на вакцина против коронавирусот и дека таа предивикала имунолошка реакција кај 1.000 пациенти.
Вакцината во рок од 14 дена по вакцинирањето предизвикала реакција на Т клетките (белите крвни зрнца кои можат да ги нападнат клетките заразени со вирусот САРС-ков-2) и во период од 28 дена по вакцинирањето реакција на антителата кои можат да го неутрализираат вирусот.
„Најсилниот имунолошки одговор го забележавме кај оние десет тестирани кои примиле две дози од вакцината, што укажува дека би можела да биде добра стратегија во превенцијата на заразата”, кажа имунологот Ендрју Полард кој учествува во истражувањето.
Британските власти спомнуваат бројка од милион дози кои можат да бидат спремни до есен, иако до сега беше вообичаено за развојот на ефикасна вакцина да се потребни повеќе години труд и тестирања. Многумина прашаа како тогаш Оксфорд успеал така брзо да ја развие вакцината. Одговорот лежи во добрата подготовка и вложувањето во разновидни потенцијални истражувања.
Институтот Џенер на Оксфорд, кој одиграл клучна улога во развојот на вакцината, уште претходно работел на други истражувања поврзани со ковид-19 и имал предзнаење за тоа кои потенцијални вакцини за коронавирусот би можеле да бидат безопасни за луѓето.
Накратко, и најдобриот лек и најдобрата потенцијална вакцина за коронавирусот доаѓаат од Британија, пишува Блумберг.
Вториот кандидат во трката за развој на лекови и вакцини против вирусот најверојатно се САД кои го произведоа антивирусниот лек ремдесивир и работат на широка низа кандидати за вакцина.
Критичарите на брегзитот често истакнуваа дека Британија со излегувањето од ЕУ ќе стане помалку значајна земја. А во меѓувреме, Обединетото Кралство е на добар пат да го спаси целиот свет.