BO СИДНЕЈСКАТА ОПШТИНА ЏОРЏ РИВЕР: ОЛИВЕР ДИМОСКИ ИЗБРАН ЗА ЗАМЕНИК-ГРАДОНАЧАЛНИК

Минатава среда на 2 септември 2026 година, советот на општината Џорџ Ривер (Georges River) во Сиднеј, одржа седница на која Елиз Борг беше повторно избрана за градоначалничка, додека советникот Оливер Димоски, кој е со македонско потекло, беше едногласно избран за нов заменик-градоначалник. Димоски, нашата заедница добро го знае како основач и  уредник на магазинот “Шило” и поранешен претседател на Прилепското друштво „М.А.Ченто“.

Градоначалничката Борг ги доби гласовите од колегите за да продолжи да ја води општината во наредните две години, со мандат до септември 2028 година. Заменикот-градоначалник Димоски ќе ја врши својата должност во времетраење од 12 месеци, односно до септември 2027 година.

Заблагодарувајќи се на довербата, градоначалничката Елиз Борг ја истакна гордоста за досегашните достигнувања, но и одговорноста кон граѓаните. Борг исто така му упати искрени честитки на новоизбраниот заменик-градоначалник Димоски, подвлекувајќи дека тој досега покажал голема посветеност кон жителите и дека се радува на заедничката соработка.

По изборот, Оливер Димоски се обрати пред Советот и јавноста:

„Длабоко сум почестен што сум избран за заменик-градоначалник со едногласно гласање. Оваа позиција е чест и голема одговорност. Пристапувам со посветеност, интегритет и почит. Ќе продолжам да работам напорно за нашите жители и заедницата, а на градоначалничката Борг ѝ го честитам повторниот избор.“

Останати вести