Претседателот Иванов го свика Советот за безбедност
Македонија ќе постави боцкава жица на границата со Грција ако европските земји го намалуваат протокот на мигранти. Ова е заклучокот на Советот за безбедност, кој заседаваше минатиот викенд по повод терористичкиот напад во Париз.
Советот појаснува дека поставувањето на оградата не е во насока на затворање на границата, туку за канализирање на протокот на мигранти што европските земји се подготвени да ги прифатат.
“Сепак, ваквиот чекор, кој засега е само можност, би се преземал во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протокот и на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти за која нема капацитет и можност да даде хуман третман”, се вели во соопштението на Советот за безбедност.
За таа цел задолжена е Армијата на Македонија да почне да го расчистува теренот за евентуално поставување на оградата.