Адвокатката Софија Бојковска обелоденува нови детали во врска со случајот за злоставуваното 13-годишно девојче – штитеник на државната институција за згрижување на деца „25 Мај” во Скопје.
Имено, малолетничката во четвртокот, на 16.2.2018 година, мораше да абортира бидејќи забременила по сексуалното малтретирање на кое била изложена (била приморувана да се проституира). Овие детали, образложува адвокатката, се однесуваат на настани што му претходеле на абортусот.
Според канцеларијата на Омбудсманот, ова девојче било носено во повеќе градови низ земјата за да се проституира и притоа било дрогирано. Во Кавадарци некоја жена ја продавала за сексуални услуги. Во мрежата на злоупотреби била носена и во Велес и Гостивар… И така цела година!?
„Во својство на адвокат на биолошките родители на девојчето, во соработка со Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), уште во април 2017 година беа преземени правни дејствија за да се обезбеди посебна грижа и специјална заштита на детето, кое уште во тој период беше потенцијална жртва на трговија со луѓе. Се до последното ескалирање на случајот, односно се додека медиумски не се објави дека малолетна штитеничка поради сексуално малтретирање забременила и абортирала, ниту една релевантна институција не ја исполни својата обврска и не беа преземени никакви мерки со цел заштита на детето”, вели Бојковска за порталот “Академик.мк”.
„Со оваа изјава одговорно тврдам дека институциите, меѓу кои: Центарот за социјална работа, Домот „25 Мај”, Министерството за труд и социјална политика и Основното јавно обвинителство беа летаргични, се однесуваа крајно неодговорно, непрофесионално и не постапуваа во согласност со закон, иако одамна беше алармирано дека станува збор за сериозни индиции кои укажуваат на повеќе сторени кривични дела врз ова малолетно девојче”, посочува адвокатката Бојковска.
Во април 2017 година, додава адвокатката, биолошките родители на девојчето посочија дека нивното дете е сексуално малтретирано и злоупотребувано во повеќе наврати откако е штитеник на Домот „25 Мај”, и тоа во периодот додека била исчезната од Домот. Честите исчезнувања на девојчето од Домот некогаш биле пријавувани на надлежните органи при МВР на РМ, но многу често и не било пријавувано дека девојчето е исчезнато, иако отсуството траело со денови, без никој од одговорните службени лица вработени во Домот да знае каде се наоѓа детето.
По извршено детално и сложено истражување на случајот, образложува адвокатката Бојковска, иако постоеја многу правни пречки и недоречености од процедурална природа, во својство на полномошник, адвокат на родителите на девојчето, беа преземени следните правни дејствија:
1.На ден 15.12.2016 година поднесен е и предлог за враќање на родителските права на биолошките родители на детето, кои веќе ја издржале изречената казна затвор и ги исполнуваат законските услови за враќање на нивните родителски права, но до денес судот сè уште не донел одлука по овој предлог.
2. На ден 8.5.2017 година беше поднесено барање до Центарот за социјална работа за поведување дисциплинска или судска постапка за несовесно, неодговорно и непрофесионално работење на поставениот старател на детето и на Домот за деца без родители „25 Мај”. Исто така, од Центарот за социјална работа баравме да преземат и други дополнителни мерки и дејствија за заштита на детето.
3.Во врска со поднесеното барање, надлежните од Центарот за социјална работа со известување од 23.5.2017 година одговорија: „Не постои неправилно постапување од страна на поставениот старател и од страна на одговорните лица во Домот за деца без родители „25 Мај”, Бутел – Скопје.” Имено, лицето кое одговорило и одлучило на вака поднесеното барање до ЦСР е лично старателот на детето, социјален работник при Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје, па оттука спорна е заштитата која му се пружа на детето бидејќи токму овластениот старател на детето одбива да пружи соодветна грижа и совесно да ја врши својата службена должност.
4. Биолошките родители на детето преку адвокат поднесоа и кривична пријава до Основното јавно обвинителство на ден 1.8.2017 година, против старателот и против Домот „25 Мај”, а надлежен јавен обвинител за случајот е Е. Н. По точно 6 месеци од поднесувањето на кривичната пријава одговор за некакви преземени дејствија од страна на Обвинителството нема.
5. На ден 17.1.2018 година е поднесена и граѓанска тужба за утврдување на дискриминација по основ на етничка припадност против МТСП, Центарот за социјална работа и против Домот „25 Мај”.
6. Во ноември 2017 година детето е префрлено и сместено во Домот за деца ЈУ завод за згрижување, воспитание и образование на деца и младинци „Ранка Милановиќ”, Скопје. Во периодот додека детето е сместено во „Ранка Милановиќ”, повторно исчезнува, а по нејзиното враќање е констатирана бременост поради сексуалното злоупотребување на кое било изложено додека отсуствувало од Домот.
Директорот на Домот си поднесе оставка од морални причини
Директорот на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми „25 Мај”, Стевчо Соколовски, поднесе оставка од морални причини, во врска со случајот со сексуалната експлоатација на малолетна штитеничка на установата. Тој очекува МВР и ОЈО да преземат мерки согласно со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва. Тој беше прв човек на оваа установа од 200
– Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на Р.И. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Бремени уште две девојчиња од Домот „25 Мај”
Уште две малолетни девојчиња од Домот за деца „25 Мај” се трудни. Кај нив не се работи за злоставување туку самите стапиле во полови односи со штитеници на Домот. Едното девојче е на 15 а второт на 17 години. Двете изјавиле оти не биле злоставувани.
Првото ја прекинало бременоста, во согласност со нејзината мајка и со старателот од Домот, но второто не сакало да абортира и инсистира да го роди бебето. Веќе се преселило кај нејзиниот татко кој изјавил дека ќе се грижи за неа и бебето. Оваа девојка не сака да каже со кого забременила.
Веста за уште две трудни девојчиња од „25 Мај” ја потврдиле и од Клиниката за гинекологија, каде што се води бременоста на децата.
