Боки 13 прво побарал 8 милиона евра за да запре кривичната постапка против Орце Камчев, ама успеал да земе “само” 1.5 милион. Со парите си купувал облека и плаќал одмори. Неговите банкарски сметки се блокирани поради постар долг, па тој последниве години живее раскошно исклучиво со кеш. Mалку е веројатно дека истрагата за “Рекет” ќе заврши само на двајцата уапсени. Од она што до сега го обелодени обвинителката Рускоска, се насетува дека во центарот на вниманието во случајот ќе биде Катица Јанева.
Иако се однесуваа божем соопштуваат редовна рутинска акција, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и обвинителката на чело на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција Вилма Рускоска ја шокираа јавноста со информацијата за најновата истрага која во јавноста доби кодно име “Рекет”.
Уапсени се сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски (познат како Боки 13) и Зоран Милевски-Кичеец – кои се сомничат за кривичното дело “тргување со влијание и примање награда за противзаконско влијание”, додека првоосомничениот Јовановски и за кривичното дело “перење пари”.
Како што кажа обвинителот Јовески, двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител. Од јавниот обвинител (никој друг туку Катица Јанева, првиот човек на СЈО) засега е одземен само мобилниот телефон. Таа официјално се уште не е опфатена со истрагата, а дали понатаму ќе биде ќе зависи од доказите и од тоа што ќе покажат податоците од нејзиниот мобилен (беше појаснето дека имала уште еден мобилен, ама рекла дека го загубила пред повеќе месеци). Од неа наводно досега не е земен ниту исказ.
Јовески кажа дека предистражната постапка била почната во мај годинава по кривична пријава на една жртва на уцена (како што подоцна се дозна, тоа бил Орце Камчев, кој бил поддржан и од официјална Софија).
Јовески и Рускоска рекоа дека предмет на истрагата е само рекетот, но не знаат дали се остварила и трговијата со влијание, благодарејќи на моќта на Катица Јанева.
На прашање дали оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, што беше објавена непосредно пред прес-конференцијата, е поврзана со истражната постапка, Јовески одговори дека тоа е нејзин личен чин кој тие нема да го коментираат.
Од Камчев барале8 милиона, ама добиле “само” 1.5 милион
Обвинителката Вилма Русковска ги гони двајцата уапсени затоа што го рекетирале Јордан (Орце) Камчев, кој е под истрага од СЈО во случајот “Империја”. Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од Камчев, во замена за ослободување од кривично гонење. Според истрагата, од месец ноември 2018 до април 2019 Боки 13 и Кичеец прво преку сопругата на Камчев, а потоа и со Орце имале средби на повеќе места – во домот на Камчеви ама и на Боки 13. Првоосомничениот ја имал улогата на лице кое има влијание кај јавната обвинителка Катица Јанева, а второсоомничениот бил тој што воспоставувал контакт со жртвата.
– При овие средби, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати, изјави обвинителката Рускоска.
Првоосомничениот Јовановски, како што објасни таа, го искористил „своето влијание врз јавен обвинител”, или со други зборови, се повикувал на своето познанство со обвинителот за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба” во постапката. Тој се гони и за кривично дело “перење пари”, затоа што добиените 1.5 милиони евра „ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и со нив купувал предмети, облека, плаќал одмор…”