Каква „бомба“ тестираше Северна Кореја

Експлозијата била со еквивалент на помалку од 10.000 тони ТНТ, што е помалку од атомските бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки

Северна Кореја се пофали за „спектакуларен успех” откако успешно тестирала хидрогенска бомба, пркосен чин со кој лидерот Ким Јонг Ун, во соопштението прочитано на државната телевизија, изјави дека „ќе го направи светот… да гледа во нашата силна нуклеарна земја”.
Но, дали тоа навистина се случи? Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, изјави дека „првичната анализа не е во согласност со изјавите на Северна Кореја”.
Анализите не се дефинитивни, иако некои експерти велат дека е можно Пјонгјанг да активирал друг тип хидрогенска бомба.
NORSAR, група со седиште во Норвешка, која ги набљудува нуклеарните тестови, проценува дека врз основа на сеизмичките читања, експлозијата во Северна Кореја била со еквивалент на помалку од 10.000 тони тринитротолуол (ТНТ), помалку од атомските бомби употребени врз Хирошима и Нагасаки, а далеку помалку од термонуклеарно оружје, чија моќ се мери во милиони тони ТНТ.
Групата смета дека овој тест бил изведен длабоко под земја, со што е потешко да се следи зрачењето и со тоа да се утврди видот на оружјето. САД, Јужна Кореја, Јапонија и Кина вршат мерења на воздухот, но досега при обидите на Јужна Кореја и Јапонија не се пронајдени никакви докази за зрачење, пренесува Си-Ен-Ен.
Јапонските власти соопштија дека не е регистрирана промена во нивото на радиоактивност над нивната територија откако Северна Кореја соопшти дека во средата извршила проба со хидрогенска бомба.
„Немаше никаква посебна промена досега во нивото на радиоактивност по подземната експлозија”, наведуваат од Јапонската агенција за нуклеарна регулација.
Според нив, три авиони зеле примероци од воздух над државата и во нив не се откриени промени. Освен тоа, во речиси 300 станици за мерење радиоактивност во државата не е регистрирана промена на нивото.
Хидрогенска бомба се очекува да произведе многу повеќе насилни сеизмички нарушувања, велат експертите, пишува „Вол стрит џорнал”.
Геолошкиот институт на САД детектираше сеизмичко нарушување еднакво на земјотрес со магнитуда од 5,1 степени. Во 2013 година, наводната нуклеарна детонација на Северна Кореја, која американските експерти ја проценуваат на околу седум килотони – еднакво на 6.000 до 7.000 тони ТНТ, предизвика исто нарушување.
Нуклеарниот тест во 2009 година се проценува дека бил помеѓу два и шест килотони, а продуцирал сеизмички потрес од 4,7 степени. Првата нуклеарна проба на Северна Кореја во 2006 година се проценува на помалку од еден килотон и предизвика сеизмички потрес од 4,1 степени.
За споредба, американската нуклеарна бомба фрлена врз Хирошима во август 1945 година имаше експлозивна сила од околу 15 килотони, додека првата американска хидрогенска бомба која беше тестирана имала сила од 10.400 килотони, или 10,4 мегатони.
Најголемата хидрогенска бомба која некогаш била тестирана, таканаречената „цар бомба”, во 1961 година во Советскиот Сојуз имала сила од 50 мегатони.

Останати вести