„Бомбите“ за „Монструм“ без силина: Беџети одбивал да потпише за екстрадиција, се слушнаа и гатачката и мајката на Груевски

Бомби за „Монструм”, вкупно 25, се слушаа на рочиштето за овој судски процес кој продолжи со истите обвинители, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, но под надлежност на редовното Јавно обвинителство.

Во судницата не се слушнаа ниту мотивите ниту кој стои зад грозоморното убиство, а единствено можеше да се слушнат озборувачките муабети меѓу поранешните функционери и како поранешните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го користеле овој случај за добивање политички поени.
Она што можеше да се дознае за убиството беше дека наводно било извршено професионално, од радикални структури кои се обучувале во странство, а нивни ментори наводно биле Шукри Алија и Алмир Дрпљанин. Целата операција за апсење ја водела Управата за безбедност и контраразузнавање и „телефонистот”, тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бил особено горд на брзото откривање на убијците (види ТД од 15 август 2019). Целата операција се водела во консултации со Американската амбасада, а со нив се правеле консултации и за изјавите кои се давале во јавноста.
Во еде од разговорите Миле Јанакиески на соговорникот му кажува дека децата биле рафално убиени, а возрасниот бил убиен затоа што бил сведок.
Во друг разговор од 16 април 2012 година Миле Јанакиевски и Гордана Јанкулоска разговараат за тоа до каде е истрагата и дали имаат траги за сторителите.
„Ќе ни треба време. Досега не сме имале ваков случај. Јас сум стално оптимист, но тешко е. Вакво нешто немало во историја на Македонија. Имало војници, но ова се деца, пет цивили никогаш немало, ни во војна”, вели Јанкулоска.
Во разговор од 23.08.2013 година, Горадана Јанкулоска се консултура со Сашо Мијалков за некое барање на министерот за правда Блерим Беџети (сега градоначалник на Сарај), да биде ослободен некој од уапсените како помошници во „Монструм” поради влошена здравстена состојба. Беџети ја информирал дека еден помагачите во “Монструм” е сериозно болен и дека од партија му бараат да зборува со коалициониот партнер за тоа.
„Бидејќи е помагач, исполнети се условите за прекин на казната”, вели Беџети, на што Јанкуловска му кажува дека случајот го води УБК и треба да зборува со Сашо Мијалков, кој е подобро запознаен со случајот.
Љупчо Тодоровски, во разговор од 14 март 2013 година, му се жали на Сашо Мијалков дека Беџети не сакал да го потпише барањето за екстрадиција за обвинетите во „Монструм” од Косово. Истиот ден Јанкуловска разговара со Блерим Беџети за барањето за екстрадиција.
„Имаме комуникација и таму. Сѐ добро ќе заврши. Утре ќе биде испратен за Приштина предметот. Јас мислам нема да има проблем”, ја уверува Беџети Јанкуловска, но бара и да нема рочишта за предметот пред изборите. „Не може да се калкулира со документите, мора да се испратат, потоа може да калкулираме со денот кога да се случи екстрадицијата, може да калкулираме со рочиштата, да изменаџираме да нема рочишта до изборите”, му вели Јанкулоска на Беџети.
Задолжен за тоа да нема никакви активности до изборите во судот е Мијалков.
Поранешниот премиер Никола Груевски се интересира кај Јанакиески дали навистина тој се видел со еден од обвинетите во „Монструм”, Фејзи Азири, и бара од него да провери дали е точно дека некое земјиште кое било во сопственост на земјоделската задруга „Белимбегово” нелегално му било дадено на некој Албанец од „Монструм”, најверојатно мислејќи на обвинетиот Фејзи Азири. Во разговорите се споменуваат и екстрадициите на Дрпљанин и Шукри Алија како инспиратори на масакрот. Поранешните функционери, а особено Јанкулоска, се најсреќни кога Љупчо Тодоровски-Радникот ги известува дека Исмаиловиќ и Демири се фатени на Косово, а Мијалков веднаш му се јавува на тогашниот уредник на телевизија Сител, Драган Пвловиќ-Латас, веста веднаш да ја пласира на телевизија.
Покрај функционерите, има разговори и на гатачката на експремиерот Никола Груевски и неговата секретарка Ленче Самарџиска, како и на неговата мајка, Нада Груевска со неговиот братучед Влатко Мијалков која кажува оти имала нејзин став и го пратила на ексдиректорот на УБК. „Нема никакви траги, нема мотив. Ова е професионално анализирано правено”, му вели Груевска на својот внук од брат, Влатко Мијалков, кој пак ја теши дека, сепак, нема совршено убиство.
Свое мислење има и гатачката на Груевски, Катерина Најденова, која разговара со неговата секретарка, Ленче Самарџиска: „Ова нема да биде добро за нас, по 15 април ќе сме во шок од тоа што ќе се дозна и пак ќе излезе дека се вплеткани некои униформирани лица”, предвидува гатачката.

“Испрана правда”

На минатонеделното рочиште дојдоа и родители на убиените момчиња. Кај нив се уште постои сомнеж дека некои разговори се скриени и не можат да сфатат како Министерството за правда не може никако да ги екстрадира првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
Овој случај политички го искористи и сегашниот премиер Зоран Заев, кој своевремено рече дека поседува „бомби” кои ќе ги откријат вистинските извршители на случајот, а потоа ретерираше. Сега се слушаат токму тие “бомби”.
На наредните рочишта ќе се презентираат уште скоро 3.900 “бомби”, 133.000 транскрипти, СМС-пораки и други документи. Сепак, и во нив не се очекува ништо ново, единствено е можно обвинителите во овој случај да ја сменат правната квалификација.
Правниот застапник на семејствата, адвокат Дафинка Ивановска, вели дека додека родителите чекале некаква правда, „бомбите” откриле дека власта влијаела на судството.
– Чудно ми падна како може такви големи предмети, тајни истраги, да се кажуваат на луѓе кои не се дел од истрагата, конкретно на Орце Камчев и Оливера Трајковска. Најмногу ми падна тешко што власта влијаела, во трети месец 2013 година, дали да се одржуваат рочиштата за “Монструм”. Како да не се одржуваат, што покажува како власта влијаела на судството додека родителите доаѓаа секој ден на судење, очекуваа нешто сериозно, правната држава да си ја врши секој својата работа. Непримерно е власта да има влијание врз судството, изјави Ивановска.
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека нема да дава анализа на она што се слушнало и тоа го најави во завршниот збор.
Фетаи и нејзиниот колега Гаврил Бубевски првпат дојдоа на судење како обвинители од републичкото Јавно обвинителство, откако јавниот обвинител, Љубомир Јовески ги овласти да продолжат да го застапуваат „Монструм”. И по седум години од петкратното убиство, не се откриени мотивите и не откриено дали првично осудените се оние што го извршиле убиството на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и возрасниот Борче Стефановски.

Останати вести