Недоразбирања за статуетката „Бона Деа“ – новата награда на Фестивалот „Браќа Манаки“

Статуетката „Бона Деа” на филмскиот фестивал „Браќа Манаки” уште недоделена крена прашина.

Директорот на фестивалот Димитар Николов – Таки, кој по професија е историчар на уметноста, на една од прес-конференциите во Скопје изјави дека најдобриот кинематографер од новата програма „Нов европски филм” ќе ја добие статуетката „Бона Деа” изработена според оригинална скулптура пронајдена во Хераклеја, која, за жал, се наоѓа во Лондон.
Но, експертите од битолскиот Завод и музеј велат дека на статуетката не е римската божица на плодноста Бона Деа, туку археолошки предмет со машка фигура ископан пред 35 години и се чува во Хераклеја.
– Досега во Македонија траги на култот на Бона Деа не се најдени. Ако некој нашол такви траги би бил пресреќен да ги сподели со нас. Артефактот е ископан во Хераклеја Линкестис во 1980 година, заведен е со инвентарен број и е музејски предмет. Нема име и се води како фигура на млад маж. За конкретниот предмет ние немаме апсолутно никаква информација дека го има во кој било странски музеј – вели Енгин Насух, археолог во битолскиот Завод и музеј.
Тој додава дека линковите кои му ги испратиле од фестивалот водат до една фотографијата на овој ист предмет снимена во Битола , а испратена во Управата за заштита на културно наследство.
Директорот на фестивалот Николов објаснува дека фигурата ја видел на интернет-постер што го промовирал Лондонскиот музеј. Целта вели му била добронамерна на фестивал што го гледаат илјадници луѓе да промовира археолошки предмет кој потекнува од Битолско.
– Не е направена никаква грешка. Она што го најдов на интернет се однесуваше на Бона Деа, која е во Лондон. Интернетот сметам дека во голема мера е релевантен извор. Јас лично го барав, не се консултурав со луѓе од Лондонскиот музеј зашто знаев дека е пронајдена тука. Реално моите сознанија се дека оваа скулптура во Македонија е пронајдена 1968 година. Промовирана е од Лондонскиот музеј, а не од Музејот во Битола. Тоа е грешка што можеби јас сум ја направил, но ја направиле и стручните лица во Македонија кои треба да се занимаваат со тоа – вели Николов.

Останати вести