Борче Ристевски обвинет за мистериозното убиство на сопругата

Борче Ристевски (53) кој живее во Авондаел Хајтс, западно предградие на Мелбурн, е обвинет за убиството на неговата сопруга Карен (47) која беше пронајдена мртва во февруари, откако претходно беше исчезната осум месеци, во случајот што го привлече вниманието на јавноста во Австралија.

Карен Ристевски исчезна под сомнителни околности, по што семејството, полицијата и одредени јавни личности апелираа за нејзино пронаоѓање. Таа последен пат беше видена во нејзиниот дом во Мелбурн на 29 јуни 2016 година, на околу 50 километри оддалеченост од националниот парк кај Маунт Маседон каде што потоа беа пронајдени нејзините останки.
Во февруари детективите запленија мала лопата од семејната куќа на Ристевски на која наводно се најдени траги од тлото кое одговара на земјата која е земена од подрачјето Гизборн-Маседон, каде се најдени посмртните остатоци на Карен.
Четири месеци подоцна во јуни, полицијата објави снимки од надзорните камери на кои се гледа „мерцедес купе” за кој се верува дека и припаѓал на Карен Ристевски како поминува долж автопатот Олд Калдер и низ Дигерс Рест, на денот кога исчезнала.
Јавноста во Австралија се надева дека преку судењето ќе добие одговори на бројните прашања кои го следат случајот, меѓу кои и објаснување од Борче Ристевски за 100-те минути на денот на исчезнувањето на Карен, за кои не успеал да и посочи на полицијата што правел и каде се наоѓал.
Адвокатот на Борче Ристевски, Роб Стери, му посочи на судот во Мелбурн дека неговиот клиент се изјаснува како невин, по апсењето минатава седмица. Ристевски останува во притвор до следното судско рочиште кое е закажано на 18 април в година.
Во меѓувреме минатиов четврток Борче Ристевски бил нападнат од затвореник при затворска прошетка по што завршил во амбулантата поради повреда на главата. Заради негова безбедност полицијата ќе го изолира од останатите затвореници за да се заштити од понатамошно насилство од затворениците.

Останати вести